Министерството упати сочувство до народот на Палестина, кој за да живее на својата земја, во мир и во својата држава веќе даде стотици илјади жртви / Photo: AA

Министерството за надворешни работи на Република Туркије најостро го осуди атентатот во кој во Техеран беше убиен лидерот на политичкото крило на палестинското движење Хамас, Исмаил Ханије.

„Најостро го осудуваме масакрот во кој беше убиен шефот на политичкото крило на Хамас, Исмаил Ханије, како резултат на гнасен атентат во Техеран“, соопшти турското Министерство за надворешни работи.

Министерството упати сочувство до народот на Палестина, кој за да живее на својата земја, во мир и во својата држава веќе даде стотици илјади жртви, како Ханијe.

Во соопштението уште еднаш се посочува дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговата администрација немаат намера да постигнат мир.

„Овој напад има цел да ја прошири војната од Газа во поширокиот регион. Ако меѓународната заедница не направи ништо за да го запре Израел, регионот ќе се соочи со многу поголеми конфликти. Туркије ќе продолжи да ги поддржува правилните напори на народот на Палестина“, се истакнува во соопштението.

Палестинското движење Хамас потврди дека нивниот лидер Исмаил Ханије е убиен утрово во воздушен напад во Техеран.

Во соопштението се наведува дека Израел извршил напад во кој е убиен Ханије, политичкиот водач на палестинското движење.

Исмаил Ханије престојувал во Техеран за да учествува на церемонијата на инаугурација на новоизбраниот ирански претседател Масуд Пезешкијан.

Иранската државна телевизија претходно објави дека лидерот на Хамас, Ханије, бил убиен во терористички напад врз неговата резиденција во главниот град на Иран.

Ханије беше избран за шеф на Политичкото биро на Хамас на 6 мај 2017 година, при што го замени Халид Мешал.

AA
Популарни