Неутрализирани се 77 терористи на ПКК/ЈПГ , а 78 цели, меѓу кои и нафтени капацитети контролирани од терористички групи, засолништа и пештери се уништени во воздушните напади спроведени во северен Ирак и Сирија, изјави денес турскиот министер за национална одбрана, Јашар Ѓулер.
„Вкупно 78 цели, меѓу кои пештери, засолништа, скривалишта и нафтени капацитети за кои е проценето дека ги користи сепаратистичката терористичка организација и на кои се смета дека има високи терористи, се уништени преку воздушни операции спроведени во регионите Метина, Хакурк, Гара и Кандил во северен Ирак, како и во северна Сирија. Неутрализирани се и вкупно 77 терористи“, изјави Ѓулер на видеоконференцијата со високи команданти на Турските вооружени сили.
„Преку овие операции се осигурува дека крвта на нашите загинати херои нема да биде залудно пролеана. Нашата борба против тероризмот ќе продолжи со сѐ поголем интензитет до последниот терорист. Нема сомнеж дека ќе се продолжи со решителност и посветеност, особено против терористичките организации како што се ПКК, ЈПГ, ФЕТО и ДЕАШ, со концептот на искоренување на тероризмот од неговиот извор“, додаде тој.
Меѓу високите команданти беа началникот на Генералштабот, генерал Метин Гурак, командантот на Поморските сили, адмирал Ерџумент Татлиоглу, командантот на Копнените сили, Селчук Бајрактароглу, и командантот на Воздухопловните сили, генерал Зија Џемал Кадиоглу.
Министерот Ѓулер, кој беше брифиран за тековните активности, особено за антитерористичките операции, даде инструкции за следните акции.
По загинувањето на девет турски војници во петокот во терористички напад во северен Ирак, безбедносните сили продолжија да ги разбиваат терористите на ПКК/ЈПГ.
Терористите на ПКК често се кријат во северен Ирак за да планираат прекугранични напади во Туркије. Терористичката организација има и сириски огранок, познат како ЈПГ.
Во својата над 35-годишна терористичка кампања против Туркије, ПКК, којашто се наоѓа на листата на терористички организации од страна на Туркије, САД и ЕУ, е одговорна за смртта на повеќе од 40.000 луѓе, меѓу кои и бебиња, деца и жени.