Туркије денес прати два брода во Либан за евакуација на 2.000 турски граѓани поради зголемените тензии во регионот, изјави турскиот амбасадор во Бејрут, Али Бариш Улусој.
Улусој за АА рече дека турските граѓани побарале евакуација поради влошената безбедносна ситуација предизвикана од интензивираните напади на Израел врз Либан во текот на последниве недели.
„Денес два брода на турската морнарица пристигнуваат на пристаништето во Бејрут. Овие бродови, со капацитет да превезат 2.000 луѓе, ќе ги земат нашите граѓани и ќе ги пренесат во пристаништето во Мерсин“, додаде Улусој.
Преземени се активности и за помош на евакуираните турски граѓани согласно нивните потреби, рече тој.
„Во Либан има околу 13.000-14.000 турски државјани, а досега за евакуација аплицирале 2.000 граѓани“, рече тој.
Бродовите што пристигнуваат од Туркије, исто така, носат 300 тони хуманитарна помош, додаде турскиот амбасадор.
Подоцна турското Министерство за национална одбрана објави дека двата брода пристигнале во Либан. Два брода имаат задача да ги евакуираат турските граѓани и да донесат хуманитарна помош, а четири брода се за придружба и заштита.
Загрижувачка ситуација
„Триста тони хуманитарна помош, кои со нашите бродови пристигнаа до Бејрут, ќе бидат доставени до пријателскиот народ на Либан. Во мисијата за евакуација, пред сѐ, нашите граѓани, но и државјаните на други земји што бараат помош од нашата држава, безбедно ќе бидат евакуирани од Либан“, рече Улусој.
„На 25 септември Туркије му достави на Либан околу 30 тони помош, вклучително лекови и храна“, рече тој, нагласувајќи дека турската државна агенција за помош, Агенцијата за соработка и координација (ТИКА), исто така, работи „многу активно“ во земјата.
„Многу земји пратија помош во Либан во овие тешки времиња“, рече тој, додавајќи дека Туркије е една од земјите што пратила најмногу досега.
Нарекувајќи ја ситуацијата во Либан „загрижувачка“, турскиот амбасадор рече: „Влошувањето на безбедносната состојба се чувствува низ сите делови на Либан, особено од средината на септември.“
Вкупно еден милион луѓе се раселени поради израелските напади врз Либан, рече Улусој, додавајќи дека: „Ова е сериозен проблем за земја со големина на Либан.“
„Турската Влада работи кон тоа да се помогне во решавање на оваа хуманитарна криза“, рече тој.