Министрите за одбрана на Туркије, Русија и Сирија се состанаа во Москва и разговараа за борбата против тероризмот во регионот, изјави турскиот министер за одбрана Хулуси Акар.
„На состанокот разговаравме за тоа што може да се направи за да состојбата во Сирија и регионот што поскоро се опорави, со обезбедување на мир, спокој и стабилност“, рече Акар пред враќање во Анкара од Москва.
Тој изјави дека Туркије на средбата ги истакнала нејзините напори во борбата против тероризмот.
„Нагласивме дека го почитуваме територијалниот интегритет и суверенитет на сите наши соседи, посебно на Сирија и Ирак, и дека наша единствена цел е борбата против тероризмот“, истакна Акар.
Како што рече, Туркије има за цел да ги „неутрализира“ терористите на ПКК/ЈПГ и ДАЕШ, кои претставуваат закана и за Сирија.
а„Им рековме (на Русија и Сирија) дека вложуваме напори да обезбедиме безбедност на нашата земја, нацијата и границите“, рече Акар додавајќи дека неговата земја „вложува напори да спречи понатамошна миграција од Сирија и Туркије“.
Турскиот министер рече дека сириската криза мора да се реши на инклузивен начин во рамките на резолуцијата 2254 на Советот за безбедност на Обединетите нации.
„Во тој контекст оценуваме дека работата која ќе се извршува во наредните денови може да даде значителен придонес кон мирот и стабилноста во регионот и Сирија“, рече Акар. Повтори дека министрите за одбрана на Туркије, Русија и Сирија се договориле да продолжат со состаноците за да обезбедат стабилност во Сирија и поширокиот регион.