Во белгискиот главен град Брисел ќе се одржи петтиот состанок за постојан заеднички механизам меѓу Туркије, Финска и Шведска, соопшти турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан.
Домаќин на состанокот е генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, а ќе присуствуваат делегации од Туркије, Финска и Шведска.
Во турската делегација ќе бидат министерот за надворешни работи, Хакан Фидан, шефот на Националната служба за разузнавање на Туркије (МИТ), Ибрахим Калин, заменик-министерот за надворешни работи Бурак Акчапар, како и Акиф Чагатај Килич, главен советник на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„За време на состанокот ќе бидат разгледани чекорите преземени од Финска и од Шведска, особено во контекст на борбата против тероризмот во различни димензии, врз основа на Трилатералниот меморандум од претходниот состанок одржан во Анкара на 14 јуни 2023 година“, се вели во соопштението.
Состанокот се одржува пред Самитот на лидерите на НАТО во Вилнус, Литванија, закажан за 11 и 12 јули.
Финска и Шведска аплицираа за членство во НАТО веднаш откако Русија започна војна во Украина во февруари 2022 година.
Иако Туркије го одобри членството на Финска во НАТО, таа чека Шведска да се придржува до Трилатералниот меморандум потпишан во јуни 2022 година во Мадрид за да се решат безбедносните грижи на Анкара.
Шведска усвои антитерористички закон во ноември, надевајќи се дека Анкара ќе ја одобри кандидатурата на Стокхолм за влез во НАТО. Новиот закон, кој стапи на сила од 1 јуни, им дозволува на властите да гонат поединци што поддржуваат терористички групи.
Претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган изјави дека Шведска презела чекори во вистинска насока со измените на антитерористичкото законодавство, но дека поддржувачите на терористичката организација ПКК/ПЈД/ЈПГ продолжуваат слободно да организираат демонстрации во Шведска величејќи го тероризмот.