Туркије денеска ќе ги исклучи светилките за време на „Часот на планетата Земја“ во знак на сеќавање на жртвите од силните земјотреси во кои загинаа повеќе од 50.000 луѓе.
Во соопштението, Светскиот фонд за природа - Туркије (ВВФ-Туркије) истакнува дека настанот „Часот на планетата Земја“ се одржува низ светот во последната сабота од март секоја година на иницијатива на фондацијата, а оваа година ќе се одржи на 25 март помеѓу 8:30 и 9:30 часот по локално време (1730-1830 GMT).
Како дел од настанот предводен од „ВВФ-Туркије“, светилките на спомениците, институциите и на домовите во Туркије ќе бидат изгаснати во спомен на оние што ги загубија животите во двата земјотреса на 6 февруари.
Невладината организација, исто така, повикува на мобилизација за време на „Часот на планетата Земја“ со цел „зелено закрепнување“ за обнова на областите погодени од земјотресот на начин отпорен на катастрофи. Заинтересираните ќе можат да ја поддржат кампањата „зелено закрепнување“ со пријавување на веб-страницата на „Часот на планетата Земја”.
„Времето речиси запре на 6 февруари. Шеснаесет години еден час ги исклучуваме светилките за да привлечеме внимание на чекорите што треба да се преземат за иднината на нашиот свет, а овој пат ќе ги исклучиме светилките во сеќавање на жртвите“, истакна Асли Пашинли, раководител на „ВВФ-Туркије“.
„Оваа година, 'Часот на планетата Земја' е часот кога треба да ги одбележиме загубите од најразорните земјотреси во историјата на нашата земја“, додаде таа.
Започната во Сиднеј во 2007 година како симболичен настан за исклучување на светилките, водечката глобална еколошка акција „Часот на планетата Земја“ прерасна во едно од најголемите светски движења за животната средина, инспирирајќи поединци, заедници, бизниси и организации во 190 земји и територии да преземаат конкретни еколошки активности.