Туркије со сочувство до Техеран за смртта на иранскиот претседател / Photo: AA

Туркије упати сочувство до Техеран за смртта на иранскиот претседател Ибрахим Раиси и други високи претставници во хеликоптерската несреќа, изјави турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан.

„За жал, веста за смртта на почитуваниот претседател и министер за надворешни работи длабоко нѐ растажи. Ја споделуваме длабоката болка на пријателскиот и братски народ на Иран“, рече Фидан на заедничката прес-конференција со пакистанскиот колега во Исламабад.

Набргу по несреќата вчера попладне во северозападната иранска провинција Источен Азербејџан, Туркије ја мобилизираше сета можна опрема за да помогне во операциите за пребарување и спасување, додаде Фидан.

Тој рече дека Туркије посакува „Алахова милост за оние што ги загубија животите“ и упати сочувство до иранскиот народ.

Иранскиот претседател Раиси, министерот за надворешни работи Хусеин Амир-Абдулахијан и нивните придружници беа прогласени за мртви утрово.

За ситуацијата во Појасот Газа, Фидан рече дека Туркије ги осудува оние што постојано им држат предавања на другите за човековите права и демократијата, а од друга страна се дел од злосторствата извршени од Израел.

Израел уби повеќе од 35.400 Палестинци по прекуграничниот упад на Хамас на 7 октомври, во кој се изгубени 1.200 животи. Израелската воена офанзива ја претвори палестинската енклава во урнатини, доведе до масовно внатрешно раселување, болести и недостиг на основните потреби.

Тоа, исто така, предизвика судење пред Меѓународниот суд на правдата, кој во јануари му нареди на Тел Авив да се погрижи неговите сили да не вршат акти на геноцид и да преземе мерки за да гарантира дека хуманитарната помош доаѓа до цивилите во Газа.

Од своја страна, пакистанскиот министер за надворешни работи, Исхак Дар, рече дека Исламабад и Анкара имаат заеднички став против исламофобијата на меѓународните форуми.

Дар истакна дека двете земји соработуваат меѓусебно во различни области, вклучително и економијата, трговијата и одбраната, со цел обемот на билатералната трговска размена да се зголеми на 5 милијарди долари.

Туркије и Пакистан се „две земји, но една нација“, додаде тој.

AA
Популарни