Досега во Туркије уапсени се 218 лица осомничени за недостатоци во изградбата на зградите кои се урнаа во земјотресите што го погодија јужниот дел на земјата на почетокот на февруари.
Во рамките на истрагата што ја покренаа обвинителствата, утврдена е одговорност кај вкупно 869 лица. Досега се уапсени 218, а издадени се налози за апсење на уште 151 осомничено лице. Исто така, утврдено е дека 31 од осомничените не се живи, додека петмина од нив се наоѓаат во странство.
Како што објавија од обвинителствата, 81 осомничен по давање исказ биле пуштени на слобода.
Бројот на загинати во разорните земјотреси што ја погодија Туркије на 6 февруари се искачи на 45.089, соопшти вчера Државната агенција за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД).
Земјотреси со јачина од 7,7 и 7,6 степени погодија 11 турски области на 6 февруари: Адана, Адијаман, Дијарбакир, Елазиг, Хатај, Газиантеп, Кахраманмараш, Килис, Малатија, Османије и Шанлиурфа.
Од земјотресите во Туркије погодени се над 13 милиони луѓе, како и многу луѓе во северозападна Сирија.