Туркије вети бесплатно жито и ѓубрива за земјите на кои им се потребни

Туркије вети бесплатно жито и ѓубрива за земјите на кои им се потребни

Турскиот и рускиот претседател се договорија бесплатно да испратат жито во земјите на кои им е потребно.
Турскиот и рускиот претседател се договорија бесплатно да испратат жито во земјите на кои им е потребнo   Фото: АА

Туркије во петокот вети дека ќе испрати жито и ѓубрива во најмалку развиените и земјите во развој, особено во Африка.

Апелирајќи да се преземат цврсти чекори за испраќање жито и ѓубрива во неразвиените земји на претстојниот Самит на Г-20 во Бали во Индонезија, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган рече дека Туркије и Русија постигнале консензус за поголема употреба на коридорот за жито во Црното Море, особено за оние кои имаат потреба во Африка.

Говорејќи на ЕКСПО на Здружението на независни индустријалци и бизнисмени (МУСИАД), Ердоган рече дека рускиот претседател Владимир Путин се согласил да испраќа жито бесплатно во земјите на кои им е потребно.

„За време на нашиот разговор со г-дин Путин, тој рече: „Да испратиме жито бесплатно во земји како Џибути, Сомалија и Судан“. Во тоа бевме на иста страна“.

„Ќе обезбедиме бродовите со жито да стигнат до секоја земја која има потреба, почнувајќи од Сомалија, Џибути и Судан, кои се борат со тешка криза со храна и глад“, додаде тој.

Ердоган, исто така, го нападна менталитетот дека Европа се доживува како „градина“, а остатокот од светот како „џунгла“.

„Ние не го прифаќаме овој менталитет кој ја дефинира Европа како градина, а остатокот од светот како џунгла, бидејќи со ова разбирање Африканците, Азијците и Латиноамериканците не се ништо друго освен евтина работна сила.“, рече тој.

„Не очекуваме оние кои спроведуваат колонијализам користејќи нови начини и методи да заземат совесен однос кон кризите“, додаде турскиот претседател.

Туркије, ОН, Русија и Украина во јули потпишаа договор за обновување на извозот на жито од Црното Море, кој беше прекинат по почетокот на руско-украинската војна во февруари.

Во саботата, Русија објави дека ќе го прекине учеството во договорот за, како што се тврди, украински напад врз нејзината црноморска флота во пристаништето Севастопол. Русија се врати на договорот во средата по телефонскиот разговор меѓу Ердоган и Путин.

Преку значајниот договор досега се испратени над 10 милиони тони жито.

AA
Популарни