Министерството за надворешни работи на Туркије го осуди насилството и упадот во владините згради во Бразил, меѓу кои и Конгресот и Врховниот суд.       Фото: Ројтерс

Министерството за надворешни работи на Туркије го осуди насилството и упадот во владините згради во Бразил, меѓу кои и Конгресот и Врховниот суд.

Во соопштението на Министерството се нагласува дека е важно да се почитуваат изборните резултати и демократските процеси кои ја одразуваат волјата на граѓаните на Бразил.

Се наведува дека Туркије изразува солидарност со Владата на претседателот Луис Инасио Лула да Силва и бразилскиот народ.

„Ги осудуваме актите на насилство против Владата, Конгресот и Уставниот суд во Бразил.“

Приврзаниците на поранешниот претседател од екстремната десница, Жаир Болсонаро, вчера упаднаа во три државни згради во главниот град на Бразил, Палатата Планалто - Кабинетот на претседателот, Конгресот и Федералниот врховен суд - додека на крајот не беа задржани од безбедносните сили.

Бразилската полиција рано утринава соопшти дека се уапсени најмалку 300 приврзаници на поранешниот претседател Болсонаро.

Болсонаро ја напушти земјата два дена пред инаугурацијата на Лула на 1 јануари и моментално престојува во Орландо, Флорида, во Соединетите Американски Држави (САД).

Болсонаро вчера на Твитер објави дека „мирните демонстрации, во рамките на законот, се составен дел на демократијата. Но, опустошувањето и упадот на јавни згради како што се случи денес, како и оние што ги практикуваше левицата во 2013 и 2017 година, не се во рамките на правилата.“

По изборната победа на Лула во октомври минатата година, приврзаниците на Болсонаро протестираа, многумина ги блокираа автопатиштата низ земјата и бараа војската да интервенира против левичарскиот лидер.

AA
Популарни