Турскиот министер Акар: Бродовите ќе продолжат да испловуваат од Одеса     Фото: АА

Турскиот министер Хулуси Акар денес изјави дека бродот со жито што тргнал од украинското пристаниште Одеса ќе стигне во Истанбул утре 12 часот по локално време.

„Бродот ќе биде закотвен во близина на брегот на Истанбул околу 15 часот (по локално време) за заедничка инспекција“, изјави Акар во уредничкиот деск на Агенција Анадолија во главниот град Анкара.

Акар ја даде оваа изјава откако првиот брод со жито рано утринава тргна од украинското пристаниште во Одеса за Либан.

Натоварен со пченка, утре во Истанбул пристигнува бродот „Разони“ под знамето на Сиера Леоне, што ќе продолжи кон пристаништето во Триполи по инспекциите во турската метропола. Бродот превезува 26.527 тони пченка.

Турскиот министер изјави дека ќе продолжат напорите за испорака на жито од Украина, додавајќи дека тука се работи за „хуманитарно прашање“.

„Следните бродови ќе продолжат исто така без никакви пречки“, нагласи Акар.

Туркије, Обединетите нации (ОН), Русија и Украина минатата недела потпишаа договор за повторно отворање на трите украински пристаништа - Одеса, Черноморск и Јужни - за житото со месеци блокирано поради тековната Руско-украинска војна, што веќе влезе во шестиот месец.

Со цел да се нагледува извозот на украинско жито, центарот беше официјално отворен во средата, а се состои од претставници на Туркије, ОН, Русија и Украина за да се овозможи безбеден транспорт со трговски бродови на комерцијални прехранбени производи и ѓубрива од три клучни украински пристаништа во Црното Море.

Акар рече дека мора да се реши глобалната криза со храна, додавајќи дека таа е „до точка што може да предизвика миграција. Тоа може да донесе сериозен бран на миграција од Африка кон Европа и Туркије“.

Во врска со житото и хемикалиите кои чекаат испорака од руските пристаништа, Акар рече дека на Туркије ќе ѝ претставува задоволство да придонесе и за тоа прашање.

AA
Популарни