Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска ја потврди посветеноста на Туркије да стане членка на Европската унија, опишувајќи ја како стратешка цел на земјата.
„Полноправното членство во Европската Унија е наша стратешка цел. Наш заеднички интерес е ЕУ да и пристапи на Туркије од слична перспектива“, рече Ердоган на заедничката прес-конференција со неговиот естонски колега Алар Карис во Анкара.
Туркије аплицираше за членство во ЕУ во 1987 година и е земја кандидат од 1999 година. Преговорите за членство започнаа во 2005 година, но влегоа во ќорсокак по 2007 година поради кипарскиот проблем и противењето на неколку земји-членки.
Говорејќи за глобалните и регионалните прашања, Ердоган рече дека масакрите во Газа, каде Израел уби повеќе од 37.000 Палестинци од 7 октомври 2023 година, ја загрозуваат не само регионалната стабилност, туку и глобалната безбедност.
Турскиот лидер рече дека траен мир може да се постигне само преку решение со две држави, за што мора да се изјасни и меѓународната заедница.
Зборувајќи за војната во Украина, која започна во февруари 2022 година, Ердоган рече дека фер решение на конфликтот е можно преку дипломатија, но иницијативите со исклучување на Русија нема да дадат резултати.