Украина: Ердоган може да го врати Црноморскиот договор на вистинскиот пат / Photo: AA

Украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, изјави дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган може да го врати Договорот за извоз на жито преку Црно Море „на вистинскиот пат“.

„Да, мислам дека може. Знаеме дека турската дипломатија соработува со руската“, изјави Кулеба во интервју за италијанскиот весник „Кориере дела сера“.

Кулеба, исто така, рече дека се бараат „алтернативни начини за извоз на пченица и други производи без да поминуваат низ Црно Море“.

„Потребна ни е одредена креативност за да изнајдеме решенија. Ќе ги бараме на сите начини, но во моментов недостигаат услови: Русија продолжува да нè напаѓа, таа претпочита војна отколку мир“, додаде тој.

На 17 јули Русија го суспендира своето учество во Договорот за извоз на жито преку Црно Море велејќи дека рускиот дел од Договорот не се имплементира. Таа бара олабавување на банкарските ограничувања и можност за испорака на руското ѓубриво за да се врати на Договорот.

Договорот, првично потпишан во јули минатата година во Истанбул од страна на Туркије, Обединетите нации, Русија и Украина, имаше цел да го продолжи извозот на жито од украинските пристаништа запрен поради руско-украинската војна што започна во февруари 2022 година.

Туркије истакна дека западните земји треба да се обидат да ги решат поплаките на Русија и дека се надева оти Русија ќе се врати на Договорот.

TRT Balkan / агенции
Популарни