Украинското разузнавање проценува дека три четвртини од компонентите на иранските беспилотни летала соборени во Украина се американско производство Фото: Ројтерс / Photo: Reuters

Новите разузнавачки информации собрани од соборените ирански беспилотни летала во Украина покажуваат дека поголемиот дел од деловите на беспилотните летала се произведени од компании во САД, Европа и други сојузнички земји. Тоа предизвика загриженост кај западните официјални лица и аналитичари и поттикна истрага на американската влада, велат луѓе запознаени со предметот и документите во кои увид имаше и Вол Стрит Журнал (The Wall Street Journal).

Документацијата на западните делови покажува како Техеран се вооружува себеси и своите сојузници со моќно ново оружје и покрај тоа што е цел на еден од најсеопфатните режими на санкции во модерната историја.

Украинското разузнавање проценува дека три четвртини од компонентите на иранските беспилотни летала соборени во Украина се американско производство. До ваков заклучок украинската војска дојде откако собори неколку беспилотни летала, вклучително и иранско беспилотно летало Мохаџер-6, кое агентите го хакирале во тек на летот и слетало неоштетено.

Составните делови, идентификувани од украинското воено разузнавање, беа потврдени од Независната антикорупциска комисија, или НАКО, непрофитна организација со седиште во Киев, која го прегледа дронот. НАКО, чија експертиза вклучува проценка на воени договори и оружје го достави извештајот до Вол Стрит Журнал (The Wall Street Journal).

Според извештајот, од повеќе од 200 технички компоненти кои ја сочинуваат внатрешноста на заробениот дрон, идентификувани од страна на украинските истражители, приближно половина биле направени од фирми со седиште во САД, а речиси една третина од компании во Јапонија.

Вол Стрит Журнал ги контактираше американските официјални лица одговорни за спроведување на контролата на извозот, но тие одбија да го потврдат потеклото на составните делови. Компаниите чии делови беа идентификувани не беа во можност да го потврдат потеклото на деловите или не одговорија на барањето за коментар.

Мисијата на Иран во Обединетите нации не одговори на прашањата за употребата на овие делови, но одговори дека Техеран „е подготвен да се сретне со Украина на ниво на технички експерти и да ги истражи тврдењата за сопственост на беспилотни летала или делови.

Американските санкции за Иран делумно беа воведени со цел Иран да не биде дел од меѓународното финансирање и трговија потребни за финансирање и развој на нејзината војска, вклучително и беспилотни летала. Слично на тоа, забраните во САД и Европа за извоз на комерцијални компоненти кои би можеле да се користат за напредно оружје се дизајнирани да го спречат Иран и другите непријатели да имаат придобивки од западната техничка експертиза.

Компонентите произведени на Запад кои служат за водење, напојување и управување на беспилотните летала претставуваат проблем кој предизвикува револт кај светските лидери кои се обидуваат да го сопрат развојот и ширењето на иранското оружје. Иранските воени беспилотни летала, заедно со прецизно наведуваните ракети што можат да ги носат, западните безбедносни служби ги гледаат како поголема непосредна закана од иранската нуклеарна програма.

„Приоритет е да се разбере како странските делови завршуваат во иранските беспилотни летала“, вели Дејвид Олбрајт, основач на Институтот за наука и меѓународна безбедност со седиште во Вашингтон, кој објави своја анализа за иранските беспилотни летала минатиот месец.

Во извештајот на институтот се вели дека покрај западните компоненти, постојат и докази дека кинеските компании можеби му обезбедуваат на Иран копии од западни производи за производство на борбени дронови.

Според претставници од индустријата запознаени со ова прашање Американската федерална агенција одговорна за спроведување на контролите на извозот и Бирото за индустрија и безбедност на Министерството за трговија, започнаа истрага за деловите од западно потекло.

Висок официјален претставник на Министерството за трговија одби да коментира за каква било конкретна ситуација, но рече декa за Украина откривањето на потеклото на оружјето употребено против украинскиот народ е главен приоритет и дека Украина ќе го истражи секој нелегален извоз што може да има таква намена.

Русија почна да користи ирански беспилотни летала напад на инфраструктурата во Украина, откако серијата успеси на украинските боишта во текот на летните месеци ги принудија руските сили да се повлечат. Моделот Шахед-136 на Техеран го привлече вниманието на јавноста кога Русија почна да ги користи беспилотните летала, наречени беспилотни летала камикази, бидејќи тие напаѓаат цели со удирање во нив, наместо со лансирање оружје.

Компонентите произведени од западните држави ги истакнуваат тешкотиите што властите ги имаат во обидот да го спречат ширењето на беспилотни летала на Техеран.

Според претставниците на индустријата и западните безбедносни служби многу од деловите не се под контрола на извозот и лесно може да се купат преку Интернет и да се испорачаат во Иран преку други земји кои привлекуваат помалку внимание. Според нив тоа е прекршување на законот кое тешко може да се спречи.

Министерството за финансии на САД санкционираше неколку компании и поединци од Иран, Русија и Обединетите Арапски Емирати, поради одговорност за производство и трансфер на иранските беспилотни летала што ги користи Русија во Украина.

Според документите на украинската разузнавачка служба сервомоторите во Мохаџер-6, кои им овозможуваат на операторите да маневрираат со беспилотното летало низ воздух, се направени од јапонската компанија Тонегава-Сеико, според документите на украинската разузнавачка служба и извештајот на НАКО. Компанијата не одговори на барањето за коментар.

Јапонското Министерство за трговија минатата година ја обвини фирмата за извоз на сервомотори во Кина без дозвола, откако истражителите на ОН пронајдоа еден од деловите во иранско беспилотно летало. Компанијата изјави за локалните медиуми дека не знаела дека ќе се користат за воени дронови.

Мноштво други електронски компоненти според извештаите на разузнавачките служби и НАКО беа произведени од единиците на германската компаниите Инфинеон Технолоџис (Infineon Technologies AG) и Микрочип Технолоџи (Microchip Technology Inc). со седиште во Аризона, два од светските производители на чипови од највисоките нивоа.

Брајан Торсен, портпарол на Микрочип Технолоџи , рече дека фирмата „се грижи за одржување на интегритетот на синџирот на снабдување“, кој вклучува скрининг на клиентите. Тој, исто така, рече дека покрај тоа што имаат повеќе од 120.000 клиенти во индустрискиот, воздушниот, одбранбениот и други сектори, дистрибутерите од трети земји , исто така, ги продаваат нивните производи низ целиот свет.

„Без пристап до самиот уред, не можеме да кажеме дали се работи за производ на микрочип или фалсификуван производ, и дали е производ на микрочип и како завршил во оваа конкретна апликација“, изјави Торсен.

Портпаролот на Инфинеон ( Infineon) рече дека компанијата не продава ниту еден од своите производи на Иран. Според фотографиите на уредот во Мохаџер-6 и корпоративните брошури, телескопската инфрацрвена леќа со висока резолуција што се користи во Мохаџер-6 за надзор и таргетирање се чини дека е идентична со моделот направен од израелската фирма Офир Оптроникс Солушнс (Ophir Optronics Solutions Ltd). Компанијата одби да коментира.

МКС Инструменталс (MKS Instruments Inc.), матичната компанија на Офир, излезе со став дека му продава на Иран и дека ги почитува извозните контроли и санкциите.

Израелската влада ги разгледува наодите, рече Мајан Лазарович, портпаролка на израелското Министерство за одбрана.

„Прелиминарниот преглед на релевантните режими за меѓународна контрола на извозот покажува дека според израелскиот закон леќата не е ниту контролирана одбранбена единица, ниту служи за двојна употреба, изјави Лазарович.

Лиу Пенгју, портпарол на кинеската амбасада во САД, рече дека не знаел никакви детали во врска со ова прашање и дека Пекинг ги промовира мировните преговори во конфликтот.

Од друга страна Кента Кавамура портпарол на Јапонската амбасада во Вашингтон изјави дека Токио ќе продолжи да врши строга контрола на извозот на Законот за девизна и надворешна трговија што го спречува пренасочувањето на јапонските производи и технологии за воена употреба. Германската амбасада не одговори на барањето за коментар.

Идентификувањето на потеклото на одредена компонента може да биде тешко, дури и за компаниите што ги произведуваат.

Во извештајот се вели дека украинското разузнавање се сомневаше дека инфрацрвената камера е произведена од Сиера-Олимпик Технолоџи (Sierra-Olympic Technologies Inc.), компанија со седиште во Орегон која користи леќи Офир. Но, Крис Џонстон, основачот и извршен директор на Сиера-Олимпик, по прегледувањето на фотографиите рече дека некои од деловите на камерата се исти, но други се различни, што укажува на тоа дека таа не потекнува од неговата фирма.

Џонстон рече дека неговата фирма ги одбила барањата за набавка од ирански државјани пред неколку години и ги предупредила федералните власти.

„Но, Иранците можеа да добијат делови од западните воени авиони соборени во Ирак и Авганистан или од посредници. Дупките во извозните закони се првенствено луѓе кои се лоши актери, лоши актери кои одбиваат да ги почитуваат законите за извоз на САД и законите на нивните земји домаќини. Ако некој во САД купи нешто под контрола на извозот и го испрати во Иран, ќе биде во затвор, изјави Џонстон”.

Тајмур Кан, водечкиот ирански истражувач во Конфликт Армамент Рисрч (Conflict Armament Research), приватна компанија со седиште во Велика Британија која истражува глобална трговија со оружје, рече дека компаниите треба да се погрижат нивните производи да не завршат во сомнителни раце.

„Следењето на составните делови низ синџирот е од клучно значење. Одговорност на секој посредник во синџирот на снабдување е да ги знае своите клиенти и да им помага на иследниците со цел да ги идентификуваат мрежите за стекнување“, изјави Кан.

Друг проблем на кој посочуваат аналитичарите е дека додека САД воведоа санкции против Иран, повеќето други влади, вклучително и европските нации, не го направија тоа.

Високи претставници на Министерството за финансии во последните недели предупредија дека планираат да ги санкционираат каналите за набавка што Иран ги користи за да ги опреми своите беспилотни летала. Но, некои експерти велат дека тие напори не се доволни. Џејмс Роџерс, вонреден професор по воени студии на Универзитетот во Јужна Данска, рече дека е време ОН да развијат нови правила за да се спречи ширењето на технологијата на беспилотни летала на непријателските актери ширум светот.

„Ова е глобален проблем и потребно е глобално решение, рече тој“.

TRT Balkan / агенции
Популарни