Откако двата силни земјотреса што ја погодија Туркије на 6 февруари ги претворија градовите во урнатини на должина од 500 километри (311 милји), „сега е време светот да ѝ помогне на Туркије“, изјави претставничката на Програмата за развој на ОН (УНДП).
„Степенот на уништување е тешко да се разбере. Погодениот регион е голем по површина како Австрија или Португалија, каде што има население од повеќе од 15 милиони луѓе (16,4 отсто од вкупното население на земјата)“, рече Луиза Винтон во писмената изјава до агенцијата Анадолу (АА).
„Околу 2,3 милиони луѓе моментално живеат во шатори и контејнери во регионот, а се верува дека уште милиони ја напуштиле зоната на земјотресот за да се засолнат“, додаде Винтон.
Таа истакна дека турската Влада посветила огромни ресурси за да им помогне на погодените и најави амбициозни планови не само за привремени засолништа туку и за целосна реконструкција.
Светот, исто така, се трка за да го поддржи одговорот, при што 88 земји пратија повеќе од 11.000 лица од персоналот за да ги поддржат напорите за пребарување и спасување и да обезбедат итна медицинска помош, рече таа.
Во меѓувреме, системот на ОН, исто така, ги мобилизираше своите целосни ресурси.
Агенциите на ОН го поддржуваат одговорот за итни случаи, со досега испорачани 6 милиони топли оброци заедно со шатори, топла облека и средства за хигиена, како и напори за „рано закрепнување“, со цел да се врати животот во нормала за погодените луѓе колку што е можно поскоро.
„Потребите се огромни и итни“
Потсетувајќи се на апелот од 1 милијарда долари што беше пратен за Туркије на 16 февруари, Винтон рече дека досега се собрани 167,4 милиони долари (16,6 отсто) и „иако е мал дел од бараното, сепак, ова е значителна сума“.
„Дали ова ќе биде доволно? Се чини дека не долгорочно, особено кога ќе се земат предвид трошоците за закрепнување и реконструкција“, предупреди таа, додавајќи дека прелиминарната процена за финансиското влијание на земјотресите, подготвена од Владата на Туркије со Поддршката од УНДП и другите агенции на ОН што работат заедно со Светска банка и Европската Унија, покажува дека трошоците за реконструкција изнесуваат 103,6 милијарди долари.
Според извештајот на Турската процена за обновување и реконструкција од земјотреси (TERRA), објавен на 17 март, проценетите трошоци само за уништените станови изнесуваат 66,2 милијарди долари.
Инфраструктурата и комуналните услуги ќе бараат проценети трошоци од 10,2 милијарди долари, образованието 6,7 милијарди долари, здравството 5,6 милијарди долари и други трошоци 14,9 милијарди долари.
„Оваа огромна количина е точен одраз на драматичните размери на уништувањето што го доживеа Туркије“, рече таа. „Еквивалентно на 9 отсто од турскиот БДП, исто така, тоа сугерира дека дури и една земја економски отпорна како Туркије ќе се бори сама да си ги дозволи трошоците за реконструкција.“
Таа истакна дека затворањето на јазот меѓу потребите и средствата на тој начин ќе зависи „во голема мера од меѓународната солидарност и великодушност“.
„Како што покажува извештајот, потребите се огромни и итни, сега е време светот да ѝ помогне на Туркије“, рече Винтон.
Таа рече дека овие бројки од извештајот ќе бидат претставени на донаторска конференција на која во текот на денот во Брисел ќе присуствуваат 500 светски лидери.
„Водечките светски економии ќе имаат шанса да застанат со Туркије во време на најголема потреба со ветување доволна финансиска поддршка“, рече таа.
„Она што донаторите треба да го запомнат додека ги формулираат своите ветувања е дека ова е можност да возвратат на неспоредливата великодушност што Туркије ја покажала во текот на изминатата деценија, обезбедувајќи безбедно засолниште за најголемата популација бегалци во светот“, рече таа, додавајќи дека Сиријците сочинуваат 13,7 отсто од жртвите од земјотресот во земјава.
Потсетувајќи на забелешките на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, на 9 февруари дека „центарот на солидарноста сега е епицентар на страдањето“, таа рече дека „меѓународната заедница треба да му покаже на турскиот народ иста поддршка и великодушност какви што тој покажал во примањето, заштитата и помошта на милиони бегалци и раселени лица“.
50.096 лица загинаа во земјотресите со јачина од 7,7 и 7,6 степени според Рихтеровата скала што ја потресоа Туркије на 6 февруари.
Над 13,5 милиони луѓе во Туркије се погодени од големите земјотреси што се случија во областите Кахраманмараш, Хатај, Газиантеп, Адијаман, Малатја, Адана, Дијарбакир, Килис, Османије, Шанлиурфа и Елазиг.