Во Рафах во моментов има 78.000 деца на возраст под две години и 175.000 деца на возраст под пет години / Photo: Reuters

Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ) предупреди дека 600.000 деца во Рафах немаат каде да одат да бидат безбедни во случај на израелски напад и принудно раселување во тој град на југот од блокираниот Појас Газа.

Израелската армија утринава издаде итна наредба за евакуација на Палестинците во источните населби Рафах и ги повика да се преселат во градот Ал-Маваси на југот на Газа.

УНИЦЕФ одговори со предупредување дека во Рафах живеат стотици илјади деца.

„УНИЦЕФ повикува на заштита на цивилите и инфраструктурата што ги поддржува нивните основни потреби, како што се болниците и засолништата“, се вели во соопштението на агенцијата на ОН.

Хуманитарната ситуација во Газа се влошува, а УНИЦЕФ изјави дека нападот на Рафах ќе има катастрофални последици за 600.000 деца.

„Рафах сега е град на деца кои немаат каде да одат безбедно во Газа“, изјави извршната директорка на УНИЦЕФ Кетрин Расел.

Расел изјави дека некои од овие деца биле раселени неколку пати и ги изгубиле своите домови и семејства, нагласувајќи ја потребата да се заштитат децата.

Во соопштението понатаму се наведува дека во Рафа во моментов има 78.000 деца на возраст под две години и 175.000 деца на возраст под пет години, при што 8.000 деца до две години се соочуваат со акутна неухранетост и 65.000 деца со пречки во развојот.

AA
Популарни