Уништени се околу 67 % од водоводната и санитарната инфраструктура во Газа / Photo: AA

Агенцијата на Обединетите нации за помош на палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА) вчера соопшти дека се уништени или оштетени 67 % од водоводот, санитарните објекти и инфраструктура во Појасот Газа.

Агенцијата на ОН нагласи дека е потребно итно дејствување за да се спречи понатамошна катастрофа.

„Расте температурата на околината и продолжуваат да се шират заразните болести поради недостатокот на хигиена и поради дехидрација, што претставува сериозна закана по здравјето на луѓето во Газа“, објави УНРВА.

Оваа агенција има клучна улога во давањето услуги и спасувањето на животите на палестинските бегалци, но уништувањето на основната инфраструктура во Газа ја влошува и онака несигурната ситуација, оставајќи голем број жители без пристап до пивка вода и санитарни објекти.

Израел ја прекрши резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот и се соочи со меѓународна осуда поради континуираните брутални напади врз Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилните населби, училишта, верски објекти и болници што го спроведува од 7 октомври.

Во досегашните израелски бомбардирања и гранатирања на Појасот Газа, Израел уби 37.396 Палестинци, од кои повеќето се жени и деца.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), кој во својата најнова одлука му нареди на Тел Авив веднаш да ја прекине операцијата во Рафа, град во јужниот дел на Појасот Газа, каде што повеќе од милион раселени Палестинци побараа засолниште.

И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.

AA
Популарни