Универзитетот во Стокхолм се извини за дискриминација на турската студентка
Фатма Зехра С. на која професор не и дозволи да учествува во практикантска програма, тврдејќи дека не може да соработува со неа бидејќи Туркије го блокира влезот на Шведска во НАТО. Откако случајот излезе во јавноста и предизвика големо медиумско внимание и осуда, Универзитетот ѝ упати официјално извинување.
„Универзитетот во Стокхолм би требало секое лице да го третира подеднакво, поради што не прифаќаме дискриминација по било кој основ. Вработениот за кој станува збор изразува длабоко жалење и сфати дека во овој проблем пристапил на погрешен начин. Исто така, од Универзитетот е упатено извинување до студентката и веќе во декември минатата година и е пружена помош во вид на потрага за друга програма за пракса на нашиот универзитет“, стои помеѓу останатото во соопштението.
Откако оваа вест излезе во јавноста, илјадници корисници на социјалната мрежа Твитер и други платформи како и бројни академици од различни делови од светот, испратија пораки на солидарност за Фатма и го осудија чинот на шведскиот професор, а меѓу нив е и генералниот директор на ТРТ, господин Мехмет Захид Собачи, кој порача:
„Универзитетот во Стокхолм издаде официјално извинување и порака на жалење откако демонстрираше срамна дискриминација и ниски ставови кои постојат во Шведска, како што откри TRT World.“
Професорот Карлбринг го отстрани својот профил на Твитер и понатаму не се огласуваше во врска со ова.
Потсетуваме, Фатма Зехра С., студентка на трета година додипломски студии на Катедрата за психологија на Универзитетот Ибн Халдун во Истанбул, во рамките на Ерасмус + фондот за пракса за 2023 година доби можност за пракса на европски универзитет по свој избор.
Една од праксите за кои се пријави беше на Универзитетот во Стокхолм во Шведска. Во имејлот што го испрати на 23 ноември 2022 година Фатма покажа интерес за истражувачки проект воден од професорот Карлбринг, кој ѝ порача дека би ја примил но сепак мора да ја одбие, со оглед на фактот дека, како што рече, Туркије не ѝ дозволува на Шведска да влезе во НАТО.
Фатма Зехра С. поднесе жалба поради дискриминација на Универзитетот на 5 декември, опишувајќи го одговорот на професорот „заснован на политички мотиви“ и „дискриминаторски, ако не и потполно расистички“, а ден потоа следуваше извинување од заменик шефицата на Катедрата за психологија.
И покрај негативното искуство, Фатма вели дека нејзината пријава ја прифатил друг професор на Катедрата за психологија на истиот факултет, како и дека планира да продолжи со стажирање ова лето.
Односите помеѓу Туркије и Шведска и понатаму се доста напнати. Нови докази за организирањето на поддржувачите на терористите на ПКК и ЈПГ во срцето на шведската престолнина Стокхолм се појавија на 12 јануари. Десетици приврзаници на терористите се собраа пред историската зграда на градскиот совет и извикуваа слогани против Туркије. Тие исто така истакнаа кукла во ликот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган извикувајќи расни навреди и закани со насилство кон Туркије.
Со оглед дека шведската влада не успеала да го спречи делувањето на ПКК/ЈПГ, дозволувајќи им на нивните приврзаници слободно да организираат и спроведуваат бројни антитурски и протерористички демонстрации во земјата, официјална Анкара одбива да попушти на таквите провокации и продолжува поради тоа да инсистира на забрана на влез во НАТО на земја која не презема мерки против тероризмот.