Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА) вчера соопшти дека изгубила 212 вработени од почетокот на израелскиот напад врз Газа минатиот октомври,
„Двесте и дванаесет колеги од УНРВА се убиени од почетокот на војната во (Газа)“, се вели во соопштението на УНРВА на профилот на Х.
Агенцијата на ОН соопшти дека и покрај смртните случаи „продолжува да доставува хуманитарна помош секаде каде што е можно и во најтешки околности“.
УНРВА нагласи дека хуманитарната операција во Газа „станала една од најпредизвикувачките во светот за ОН во моментов“.
Исто така, УНРВА соопшти дека до крајот на јули документирала 464 инциденти во нејзините простории низ Појасот Газа и врз луѓето во нив од 7 октомври досега.
УНРВА е најголема хуманитарна организација во Газа и се смета за столб на операциите за хуманитарна помош во опколената палестинска енклава.
Таа беше формирана од Генералното собрание на ОН пред повеќе од 70 години за да им помогне на Палестинците кои беа насилно раселени од својата земја.
Израел ја продолжи својата брутална офанзива врз Појасот Газа по нападот на Хамас минатиот 7 октомври и покрај резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се повикува на итен прекин на огнот.
Според локалните здравствени власти, во нападите загинаа речиси 40.500 Палестинци, главно жени и деца, а над 93.500 се повредени.
Тековната блокада на Газа доведе до сериозен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а голем дел од регионот е во урнатини.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, со чија последна пресуда им се наложи на израелските власти веднаш да ја прекинат воената операција во јужниот град Рафа, каде што повеќе од еден милион Палестинци побараа засолниште од војната пред градот да биде нападнат на 6 мај.