Израелскиот амбасадор во ОН рече дека УНРВА станала „терористички ентитет“ / Photo: AA

Агенцијата на ОН за помош и работа за палестински бегалци (УНРВА) денеска објави дека израелските власти често ја спречуваат испораката на помош за Појасот Газа и ги попречуваат операциите на УНРВА во енклавата.

„Добиваме многу малку позитивни одговори на нашите барања за испорака на помош и дозвола за движење низ Газа“, рече Тамара Алрифаи, директорка за односи со јавноста на УНРВА.

Таа истакна дека организацијата одржувала контакт со КОГАТ, израелското тело кое ги надгледува палестинските територии и координира со хуманитарните групи, но „овој контакт не секогаш носи позитивни резултати“, пренесува Гардијан.

Израел обвини некои вработени во УНРВА за учество во нападот на Хамас на 7 октомври и дека се членови на терористички организации.

Во април, независната истрага предводена од поранешната француска министерка за надворешни работи Катрин Колона заклучи дека Израел допрва треба да обезбеди докази за тврдењето, а минатиот месец израелскиот амбасадор во ОН рече дека УНРВА станала „терористички ентитет“.

Портпаролот на КОГАТ рече дека организацијата е во секојдневна комуникација со УНРВА, пред да ги повтори обвинувањата за односот на агенцијата на ОН со Хамас.

Алрифаи укажа на бавниот одговор на властите по нападот на израелските доселеници врз комплексот на УНРВА во Источен Ерусалим и на сè построгите визни ограничувања наметнати од израелските власти за персоналот, вклучително и комесарот Филипе Лазарини, како доказ дека операциите на агенцијата на ОН се саботираат.

УНРВА, исто така, долго време го координираше минувањето на сета помош што влегува во Газа преку два гранични премини на југот на територијата, додека во моментов речиси целата помош влегува во енклавата преку американското привремено пристаниште.

Светската програма за храна (ВФЦ) истакна дека само една четвртина од помошта неопходна за задоволување на потребите на целото население на палестинската енклава влегува во Газа преку пристаништето.

AA
Популарни