Сликите од Рафах во неделата навечер се уште еден доказ дека Газа е „пекол на Земјата“, објави Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (УНРВА).
Најмалку 40 лица загинаа, а десетици се повредени во израелското бомбардирање на куќи и кампот каде што раселените луѓе престојуваат во Рафах.
„Информациите кои доаѓаат од Рафах за понатамошни напади врз семејства кои бараат засолниште се ужасни. Има извештаи за масовни жртви, вклучувајќи деца и жени. Газа е пекол на Земјата. Сликите од минатата ноќ се уште еден доказ за тоа“, соопшти УНРВА на платформата X.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), кој во својата последна одлука му нареди на Тел Авив веднаш да ја прекине операцијата во Рафах, град во јужниот дел на Појасот Газа каде што повеќе од милион раселени Палестинци побараа засолниште.
Околу 36.000 Палестинци се убиени во Газа, огромно мнозинство се жени и деца, а повеќе од 80.600 се ранети од октомври минатата година, по нападот на Хамас врз Израел.
Речиси осум месеци по израелската војна, големи делови од Појасот Газа се во урнатини поради блокади на храна, чиста вода и лекови.