Агенцијата на Обединетите нации за помош на палестинските бегалци (УНРВА) соопшти дека најмалку осум пациенти починале во болницата Насер во градот Кан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа за време на израелската рација врз комплексот.
Израелската војска изврши упад во медицинската установа минатата недела по повеќенеделна опсада, принудувајќи илјадници раселени Палестинци кои беа во болницата да побегнат под силното израелско бомбардирање.
УНРВА во соопштението наведува дека во болницата се наоѓаат околу 10.000 луѓе, од кои 300 медицински лица.
„Без храна, вода и храна за бебињата“, се наведува во соопштението и се додава дека 70 медицински лица се задржани во болницата од страна на израелските сили.
Во вторникот, официјален претставник на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарната работа (OCHA) предупреди дека болницата Насер станала „место на смртта“.
„Условите се ужасни. Во ходниците има трупови. Пациентите се во очајна ситуација“, рече Џонатан Витал, виш службеник за хуманитарни прашања на OЦХА за окупираните палестински територии.
По тужбата за геноцид поднесена од Јужноафриканската Република, Меѓународниот суд на правдата на 26 јануари пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убивање, напади и уништување на жителите на Појасот Газа и да ги преземе сите мерки за да спречи геноцид.