Многу жртви сѐ уште се заробени под урнатините и на патиштата бидејќи спасувачите не можат да дојдат до нив, нагласи Министерството / Photo: AA

Палестинските медицински и спасувачки тимови извлекоа уште 28 тела од урнатините во Појасот Газа, со што вкупниот број на убиени Палестинци во геноцидната војна на Израел од октомври 2023 година наваму достигна 47.583, соопшти денес Министерството за здравство.

Министерството наведе дека во билансот е вклучено и уште едно лице кое им подлегнало на повредите и уште две лица застрелани од израелските сили.

Според Министерството, четири повредени лица се примени во болниците во последните 24 часа, со што бројот на повредени во израелските напади достигнал 111.633.

„Многу жртви сѐ уште се заробени под урнатините и на патиштата бидејќи спасувачите не можат да дојдат до нив“, нагласи Министерството.

Според податоците објавени од Министерството, најмалку 562 тела се извлечени од урнатините откако на 19 јануари во Газа беше постигнат договор за прекин на огнот.

Договорот ја прекина израелската војна која предизвика опсежно разорување и ја остави палестинската енклава во урнатини.

Меѓународниот кривичен суд во ноември минатата година издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.

Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите постапки во енклавата.

TRT Balkan / агенции
Популарни