Израелската војска веќе речиси 6 месеци спроведува бомбардирања и гранатирања на Појасот Газа и ја држи палестинската енклава под опсада, поради што многу често жртви се децата и жените.
Токму поради тешките услови во болниците, уште едно палестинско бебе почина вчера од неисхранетост во болницата „Кемал Адван“ во северниот дел на Појасот Газа.
Двомесечната Далија Самр Лајд почина поради неможноста за нормален развој и лошата исхрана.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилните населби, училишта, верски објекти и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври минатата година.
Во овие напади досега се убиени повеќе од 31.923 Палестинци, главно деца и жени, а над 74.096 се повредени во услови на масовно уништување и недостаток на неопходни средства за опстанок. Се претпоставува дека под урнатините се наоѓаат илјадници мртви.
По обвинението за геноцид што го поднесе Јужноафриканската Република, Меѓународниот суд на правдата на 26 јануари пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убивање, напади и уништување на жителите на Газа и да преземе мерки за спречување на геноцид.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.
Израел воведе целосна блокада на Појасот Газа, оставајќи го неговото население, особено жителите на северна Газа, на работ на гладување.
Според Обединетите нации, израелската војна принуди 85 отсто од населението на Газа внатрешно да се расели, а постои и акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.