„Актуелните војни на Блискиот Исток ги покажуваат двојните стандарди на Соединетите Американски Држави во однос на човековите права“, изјави кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји во Њујорк.
„Доколку САД толку многу се грижат за човековите права на муслиманите, зошто продолжуваат да предизвикуваат или поддржуваат војни на Блискиот Исток и во други региони, предизвикувајќи голем број невини муслимански жртви?“, го запраша Ванг шефот за човековите права на Обединетите нации, Волкер Турк, за време на состанокот на маргините на Генералното собрание на ОН (ГСОН).
„Зошто САД ги затвора очите пред историските неправди со кои се соочи арапскиот народ и не ја поддржуваат Палестина да стане полноправна членка на Обединетите нации“, се вели во соопштението на кинеското Министерство за надворешни работи.
Коментирајќи ја ситуацијата во северозападната кинеска провинција Ксинџијанг, Ванг рече дека прашањата поврзани со Ујгурите во тој регион се користат „за напад и оцрнување на состојбата на човековите права во Кина“.
Тој додаде дека Кина е подготвена да се вклучи во дијалог со сите земји по прашањата за човековите права врз основа на еднаквост.
„Вратите на Кина се отворени за светот и ги покануваме пријателите од сите земји да ја посетат Кина и самите се уверат во тоа“, изјави Ванг.