Вархеји во Туркије: Мојата генерација не доживеала ваква катастрофа / Photo: AA

Еврокомесарот за проширување и соседство, Оливер Вархеји, во врска со земјотресите кои го погодија јужниот дел на Туркије истакна дека неговата генерација сигурно не доживеала ваква катастрофа.

Вархеји ова го истакна на заедничката прес-конференција одржана по средбата со турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу и министерот за меѓународна соработка за развој и надворешна трговија на Шведска, Јохан Форсел, кој на состанокот учествува во име на Шведска како претседавач со ЕУ.

На оваа прес-конференција Вархеји нагласи дека се шокирани од димензијата на оваа катастрофа што ја погоди Туркије.

Нагласувајќи дека Европската Унија стои покрај турскиот народ, Вархеји рече: „Затоа сме тука. Тука сме затоа што сме пријатели и сојузници, тука сме затоа што мислиме на вас, тука сме за да помогнеме.“

Меѓу другото, Вархеји упати сочувство до семејствата кои ги загубиле своите блиски во овие земјотреси.

„Мојата генерација сигурно не видела ваков земјотрес, не доживеала ваква катастрофа. Доживеаната болка е со неверојатна димензија. Треба да стоиме покрај Туркије со цел да ѝ дадеме поддршка, да ѝ помагаме, со цел турскиот народ да го надмине тоа“, додаде Вархеји.

Тој рече дека ова е време кога Европската комисија треба да покаже солидарност со Туркије и турскиот народ.

Според него, оваа солидарност е на исклучително високо ниво, додека, како што рече, оваа посета е важен показател на солидарноста и поддршката до крај кон Туркије.

TRT Balkan / агенции
Популарни