Обединетото Кралство тесно соработува со Туркије за обновување на Црноморската иницијатива за жито, изјави денес британскиот премиер Риши Сунак по телефонскиот разговор со украинскиот претседател Владимир Зеленски.
„Ние ќе продолжиме да ја користиме нашата улога како претседавач со Советот за безбедност на ОН за дополнително да го осудиме однесувањето на Русија“, рече тој во изјавата.
„Русија сè повеќе сакаше да ги има на цел трговските бродови во областа на Црно Море, а Велика Британија внимателно ја следеше ситуацијата заедно со нашите партнери“, додаде тој.
Во соопштението се вели дека двајцата лидери размениле мислења за напредокот што го постигнале украинските сили и покрај тоа што се соочуваат со предизвикувачки услови.
Сунак, исто така, изрази длабока загриженост за разорното влијание на неодамнешните руски напади врз пристанишниот град Одеса, велејќи дека е „згрозен“ од уништувањето предизвикано од последните случувања.
Двајцата лидери ја потврдија својата посветеност на поддршката на Украина во овој тежок период.
„Велика Британија продолжи да ги поддржува потребите на Украина за воздушна одбрана и артилерија со повеќе муниција и испорачани проектили“, рече Сунак.
Минатата недела Русија се повлече од Црноморскиот договор за жито, велејќи дека рускиот дел од Договорот не бил спроведен.
Договорот, првично потпишан во јули минатата година во Истанбул од страна на Туркије, ОН, Русија и Украина, имаше цел да го обнови извозот на жито од украинските пристаништа што беа блокирани како резултат на руско-украинската војна што започна во февруари 2022 година.