Вилнус: Ердоган разговараше со италијанската премиерка Мелони / Photo: AA

Претседателот на Република Туркије Реџеп Таип Ердоган се состана со италијанската премиерка Џорџија Мелони на маргините на Самитот на НАТО.

Состанокот беше затворен за медиумите и се одржа во Литванскиот изложбен и конгресен центар (LITEXPO) во Вилнус, главниот град на Литванија и местото на одржување на дводневниот состанок на НАТО што започна денеска.

Ердоган претходно се состана со францускиот колега Емануел Макрон, канадскиот премиер Џастин Трудо и британскиот премиер Риши Сунак.

Британската влада објави дека Сунак ја поздрави поддршката на Туркије за прием на Шведска во НАТО и го пофали претседателот Ердоган за неговите напори.

„Лидерите ја потврдија нивната заедничка посветеност да се осигура дека односите меѓу Обединетото Кралство и Туркије ќе го постигнат својот целосен потенцијал, надоврзувајќи се на зајакнување на трговските врски и силната одбранбена и безбедносна соработка“, се вели во соопштението.

Се додава дека Ердоган и Сунак се согласиле да ги задолжат министрите за надворешни работи да ги разгледаат областите за поблиска соработка во областа на миграцијата и борбата против организираниот криминал. Тие се договорија и за подобрување на размената на разузнавачки информации и соработката во борбата против тероризмот.

„Ердоган го информираше Сунак за посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Туркије минатиот петок, а лидерите се согласија за важноста да се обезбеди продолжување на Црноморскиот договор за жито, кој истекува на 17 јули“, се вели во соопштението. Турскиот претседател престојува во Вилнус за да присуствува на Самитот на лидерите на НАТО кој се одржува денес и утре.

На самитот се состануваат 31 лидер на земјите членки на НАТО, а теми на разговорите се војната во Украина, членството на Шведска во НАТО и чекорите за јакнење на одбраната и одлучноста на сојузот.

TRT Balkan / агенции
Популарни