Утрово заврши „хуманитарната пауза“, која во рамките на договорот помеѓу Израел и Хамас стапи на сила во петокот на 24 ноември. / Photo: AA

Палестинската Влада во Појасот Газа ја обвини меѓународната заедница дека е одговорна за континуираните израелски воени злосторства во блокираната енклава.

Утринава заврши привремената хуманитарна пауза, а веќе во утринските часови Израел почна да изведува нови напади врз Појасот Газа.

„Окупаторската израелска армија ја продолжи својата брутална војна против палестинскиот народ во Појасот Газа“, се вели во соопштението на владината Канцеларија за медиуми во Газа.

Владата во Газа ја обвини меѓународната заедница дека сноси одговорност за продолжувањето на израелската војна против Појасот Газа.

„Меѓународната заедница, особено САД, американскиот претседател Џо Бајден и државниот секретар Ентони Блинкен се одговорни за злосторствата на израелската окупација и нејзината брутална војна против цивилите, децата и жените во Газа“, се вели во соопштението.

Истакнувајќи дека Израел го крши меѓународното хуманитарно право, Газа смета дека меѓународната заедница дала зелено светло за продолжување на оваа практика.

„Палестинскиот народ има право да се брани на секој начин, да ги добие својата слобода и независност, да основа палестинска држава со Ерусалим (Кудс) како главен град во согласност со меѓународните закони и целосно да ја ослободи својата земја од окупација“, се вели во соопштението.

AA
Популарни