Најмалку 40 Палестинци се убиени, а повеќемина се повредени рано утрово во израелските воздушни напади врз шаторски камп во Кан Јунис, во јужниот дел на Појасот Газа.
Очевидци изјавија дека Израел го гаѓал подрачјето на Ал-Маваси, одредена хуманитарна зона, со најмалку три проектили.
Запалени се најмалку 20 шатори во кои биле сместени раселени Палестинци. Проектилите предизвикале и длабоки кратери.
Официјален претставник на цивилната итна помош во Газа рече дека екипите сѐ уште ги преместуваат телата и ранетите од областа.
Официјалниот претставник рече дека имале тешкотии во барањето на жртвите што можеби се закопани.
Израелската армија тврдеше дека „ги погодила терористите на Хамас што дејствувале во командно-контролниот центар во хуманитарната област во Кан Јунис“, а Хамас ги негираше наводите, велејќи дека тоа е „јасна лага што има цел да ги оправда овие ужасни злосторства“.
Според локалните здравствени власти, во тековната израелска војна во Појасот Газа, која навршува речиси една година, загинаа околу 41.100 Палестинци, главно жени и деца, а повредени се околу 94.800.
Воената офанзива и континуираната блокада на енклавата доведе до сериозен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а голем дел од регионот е во урнатини.
Израел се соочува со обвинувања за геноцид за неговите акции во Газа пред Меѓународниот суд на правдата.