Според првите извештаи, најмалку шест лица загинале, а 15 се повредени во воздушен напад што израелската армија го изврши денеска на југот на Бејрут, главниот град на Либан.
Според очевидци, израелската армија ги нападнала четвртиот и петтиот кат од зградата во областа Губејри во регионот Дахије, која е позната по своето силно присуство на Хезболах.
Во исто време, два неименувани либански безбедносни извори објавија дека во нападот е убиен еден од командантите на Хезболах, Ибрахим Кубаиси, пренесе Ројтерс.
Според овие извори, Кубаиси бил еден од водечките команданти на ракетната единица на Хезболах.
Претходно Израелската армиско радио објави дека во вторникот бил извршен воздушен напад со авион Ф-35 врз командантот на Хезболах Ибрахим Кабиси, идентификуван како шеф на ракетниот систем на Хезболах.
Ова беше трет израелски напад на Бејрут оваа недела.
Според писменото соопштение на либанското Министерство за здравство, најмалку шест лица загинале, а 15 се повредени.
Израелската војска исто така потврди дека извршила воздушен напад врз Бејрут.
Во соопштението се наведува дека деталите за нападот ќе бидат објавени подоцна.
Од утринските часови на 23 септември, израелската армија изврши стотици воздушни напади врз јужните градови на Либан, како и врз регионите Бека и Баалбек.
Либанското Министерство за здравство соопшти дека во нападите загинале најмалку 558 лица, од кои 50 деца и 95 жени, а биле повредени 1.835 луѓе.