Најмалку 12 Палестинци загинаа, а повеќемина се повредени во денешните израелски воздушни напади и гранатирањето на мал автобус, возило, дом, мотоцикл и група цивили во различни делови на Појасот Газа.
Израелски авиони извршија напад врз домот на семејството Духаир во областа Ал Мусбах северно од Рафа, јужна Газа, во кој загинаа шест Палестинци, се наведува во соопштението на Цивилната одбрана на Газа.
Во друг напад во истата област, медицински извор од болницата Насер во западниот дел на Кан Јунис, кој побара да биде анонимен, потврди дека едно лице е убиено во напад врз мотоцикл.
Медицински извор, кој исто така побара анонимност, за Анадолу изјави дека тројца Палестинци, од кои две деца, се убиени, а уште девет се повредени во израелски напад чија цел била мал автобус во близина на раскрсницата Абас, западно од градот Газа.
Портпаролот на цивилната одбрана, Махмуд Басал, соопшти дека едно лице е убиено во израелски напад врз група цивили на улицата Ал-Шааф во источна Газа.
Во второ соопштение Басал додаде дека уште еден Палестинец загинал, а неколкумина се повредени во напад на израелските сили врз цивилно возило на улицата Ал Банат во Беит Ханун, во северниот дел на Појасот Газа.
Израел продолжува со бруталната офанзива врз Газа и покрај резолуцијата на Советот за безбедност на ОН која повикува на итен прекин на огнот, по прекуграничниот упад на палестинската група Хамас на 7 октомври минатата година.