Најмалку 40.000 лица загинаа, се повредени или исчезнати во израелските напади на Појасот Газа од 7 октомври, покажуваат податоците на Канцеларијата за медиуми на Владата на Газа.
Портпаролот на Канцеларијата, Салама Маруф, синоќа изјави дека загинати се 10.328 луѓе, од кои 4.237 деца, 2.719 жени и 631 постар човек.
Маруф рече дека речиси 26.000 луѓе се повредени и дека повеќе од 3.000 луѓе се водат како исчезнати.
Тој наведе дека бројот на загинати вклучува 1.021 жител на градот Газа и северниот дел на Појасот Газа, раселени во областите за кои окупацијата тврдеше дека се безбедни во јужниот дел на Појасот Газа, и 49 новинари.
Маруф истакна и дека загинале 192 медицински работници, дека уништени се 40 амбулантни возила, сериозно оштетени 113 здравствени установи, а во функција се 18 болници и 40 здравствени домови.
Маруф соопшти дека „окупацијата извршила 1.071 масакар врз палестинските семејства, додека 1,5 милиони граѓани се раселиле од своите домови.
Израел започна воздушни и копнени напади врз Појасот Газа по нападот на палестинската група Хамас на 7 октомври.