Во израелските напади врз Појасот Газа убиени се 27 Палестинци / Photo: AA

Во израелските напади врз различни делови на Појасот Газа убиени се 27 Палестинци.

Махмуд Басал, портпарол на Единицата за цивилна одбрана во Газа, информираше за израелските напади врз различни делови на Газа.

Портпаролот Басал соопшти дека Израел извршил воздушен напад врз градот Беит Лахија во северниот дел на Газа, додавајќи дека во нападот се убиени 11 Палестинци, меѓу кои има деца и жени. Во нападот се ранети и голем број лица.

Израелски воени авиони бомбардираа и населени места и во областа Тел ез-Затер на бегалскиот камп Џабалија, северно од Појасот Газа. Во нападот е убиено едно лице, а многумина се ранети.

Убиен е Палестинец и во израелскиот напад врз областа Аз-Зејтун, во градот Газа, во северниот дел на палестинската енклава.

Шестмина Палестинци беа убиени во израелскиот напад врз бегалскиот камп Мегази во централниот дел на Појасот Газа.

Потврдено е дека се убиени и петмина Палестинци, а голем број се ранети во воздушниот напад во Бени Сухејле, лоциран источно од Хан Јунис во јужниот дел на Газа.

Според информациите добиени од болницата „Насер“ во Хан Јунис, тројца Палестинци, меѓу кои и едно дете, се убиени во нападите на израелските сили врз градот Абасан ел Кебира.

Во израелските напади врз Појасот Газа од 7 октомври 2023 година досега убиени се 40.265 Палестинци, меѓу кои најмалку 16.480 деца и 10.980 жени, а ранети се 93.144 луѓе.

Претставниците на палестинската енклава наведуваат дека илјадници убиени Палестинци сѐ уште се наоѓаат под урнатините.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), кој во својата најнова одлука му нареди на Тел Авив веднаш да ја прекине операцијата во Рафа, град во јужниот дел на Појасот Газа, каде што повеќе од еден милион раселени Палестинци побараа засолниште.

И покрај тоа, Израел продолжува да ја уништува цивилната инфраструктура, таргетирајќи болници и образовни институции во кои се засолнети раселените Палестинци кои бегаат од нападите на израелската армија.

Во исто време, поради израелските напади, испораката на хуманитарна помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа во Појасот Газа.

AA
Популарни