По вчерашната престрелка на Филозофскиот факултет на Карловиот универзитет во Прага, во која загинаа 14 лица, а повеќе беа повредени, чешката влада за утре прогласи ден на жалост.
Неутрализиран е напаѓачот Давид Козак (24). Чешките медиуми пишуваат дека ова е најтрагичното пукање во историјата на земјата.
Во текот на ноќта и утрово на социјалните мрежи се појавија бројни објави со омраза, како и оние кои го оправдуваат вчерашниот напад. Полицијата ги следи ваквите објави и ќе постапи по процедура.
Полицијата досега идентификувала 13 од 14-те жртви на вчерашното пукање и е во контакт со нивните семејства. Кога станува збор за повредените, тројца се странци: две лица од Обединетите Арапски Емирати и едно лице од Холандија.
Според последните информации, повредени се вкупно 25 лица, а згрижени се во шест прашки болници. Состојбата на повредените е стабилизирана. Некои од нив биле застрелани во главата и биле оперирани.
Големи безбедносни мерки се во сила низ целата земја. Од полицијата посочуваат дека немаат информации за некоја конкретна закана, туку се работи за превенција.
Превентивните мерки во Чешка ќе траат најмалку до 1 јануари, изјави министерот за внатрешни работи Вит Ракушан за Чешкото радио, пренесува Новинки.
Сабота ќе биде Ден на жалост во Чешка, а во 11 часот во катедралата ќе се одржи миса за жртвите од престрелката.
Пред зградата на универзитетот луѓето носат цвеќе и палат свеќи и тивко се сеќаваат на жртвите. Црни знамиња се веат над зградата на Филозофскиот факултет. Целата зграда е осветлена, а полицијата сѐ уште е на терен.
Полицијата додаде дека Козак бил застрелан откако го извршил ужасниот напад, иако вчера информираше оти не е исклучено да се работи за самоубиство. Убиецот по застрелувањето паднал од зградата, а неговото тело било пронајдено на тротоарот пред факултетот.
Пред масакрот на колеџот, Козакот го убил својот татко во градот Хостоун, а потоа патувал два часа до Прага, каде што почнал по случаен избор да пука во луѓе од балконот на зградата на универзитетот.
Сега полицијата истражува дали Козак можеби пукал и убил млад татко и неговата ќерка во шумата Клановицки во близина на Прага. Стотици полицајци ја чешлаа шумската област по убиството, но не го пронајдоа сторителот, а властите во моментов истражуваат дали убиствата можеби се поврзани.
Масакрот во четвртокот е најлошото масовно пукање во Чешка, а се верува дека напаѓачот е инспириран од пукањето во училиште на 7 декември од 14-годишната Алина Афанаскина во училиште во Брјанск, Русија, во кое беа убиени две лица, додека Афанаскинова потоа се самоубила.
Барем така се гледа од грозоморните објави на руски јазик на каналот Телеграм што го носи неговото име, но полицијата се уште проверува дали навистина Козак е авторот на тие објави.
Во објавите авторот меѓу другото наведува дека Афанаскина многу му помогнала, но дека не убила доволно луѓе, што, како што беше речено, ќе се обиде да го поправи. Тој исто така наведува дека отсекогаш сакал да убие некого, дека ги мрази сите и дека сите го мразат, и дека планира да остави зад себе што е можно повеќе болка, но и дека сака да изврши пукање во училиште, а можеби и да се самоубие.
Пред седум дена непознат напаѓач застрелал возрасен и дете во шумата Клановицки, а според чешките медиуми, жртви биле 32-годишен маж и неговата двомесечна ќерка. Починатиот татко и неговата ќерка полицијата ги пронашла минатиот петок по три часот попладне откако сведокот ја повикал итната помош.
Слушнала неколку истрели, а полицајците кои набрзо пристигнале на местото на настанот го пронашле мртов Мартин покрај калливата патека, кој, како што објави чешкиот портал Блеск, бил застрелан со четири истрели во главата. Неговото девојче, кое лежело во количка на само неколку метри, било застрелано во стомакот.