Пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг започна сослушувањето по тужбата за геноцид што Јужноафриканската Република ја поднесе против Израел, јавува Анадолу.
На првиот ден од судскиот процес, Јужноафриканската Република изнесува докази за предметот што го поднесе на 29 декември, обвинувајќи го Израел за геноцид и кршење на Конвенцијата на Обединетите нации за геноцид со неговите дејствија во Појасот Газа од 7 октомври.
Јужноафриканската страна ќе побара од највисокиот суд на ОН мерки за запирање на израелскиот воен напад врз Појасот Газа, во кој досега се убиени над 23.300 Палестинци.
Во поднесок од 84 страници, Јужноафриканската Република го обвинува Израел за дела и пропусти со геноциден карактер, бидејќи се извршени со потребната специфична намера да ги уништат Палестинците во Газа како дел од пошироката палестинска национална, расна и етничка група.
Се наведува дека израелските геноцидни акти вклучуваат убивање Палестинци, нанесување тешки физички и психички повреди, масовно протерување од домовите и раселување, наметнување мерки со цел спречување на раѓањата на Палестинците и ускратување на пристапот до храна, вода, засолниште, санитарни услови и медицинска помош.
Јужноафриканската делегација ја предводи министерот за правда на земјата, Роналд Ламола, кого го придружуваат и бројни високи политички лица од прогресивните политички партии и движења во светот.
Денешното сослушување би требало да трае најмалку два часа, а утре израелската страна треба да ги изнесе аргументите на одбраната.