Во училиштето Мустафа Хафез беа сместени раселените Палестинци / Photo: AA

Бројот на убиени во уште еден напад што го изврши Израел врз училишна зграда во Газа се искачи на 12. Повеќе луѓе се водат за исчезнати под урнатините, а спасувачите не можат да стигнат до нив поради недостаток на опрема. Меѓу убиените има и неколку деца, јавува Анадолу.

Во училиштето Мустафа Хафез беа сместени раселените Палестинци. Локалните власти објавија дека израелската Армија извршила воздушен напад врз училиштето.

Израелската Армија соопшти дека извршила прецизен напад врз зградата во која се наоѓал контролниот центар на палестинското движење Хамас.

Во последните недели израелската Армија нападна неколку училишта во Газа, главно во истоимениот град, тврдејќи дека во нив се сместени командни центри на Хамас, што Хамас го негира. Училиштата станаа засолниште за десетици илјади бегалци откако Израел започна разорни напади на окупираната територија на 7 октомври.

Во израелски напад на училиште претходно овој месец се убиени 93 Палестинци, според властите во Газа.

Израелската Армија веќе уби најмалку 40.173 луѓе, вклучително и повеќе од 16.500 деца, во војната што избувна по нападите на Хамас и другите палестински вооружени движења во јужен Израел минатиот октомври.

AA
Популарни