Жителите на Вашингтон го посетуваат споменикот на Мартин Лутер Кинг Јуниор во Националниот парк да му оддадат почит на извонредниот лидер. Роденденот на Мартин Лутер Кинг Јуниор, кој беше убиен во 1968 година на 39-годишна возраст, е национален празник во САД.
Сместен во центарот на Вашингтон, споменикот оддава почест на наследството на Мартин Лутер Кинг и неговата борба за слобода, еднаквост и правда. Споменикот е поставен на таканареченото Национално шеталиште, во близина на споменикот на Абрахам Линколн, на чии скали Мартин Лутер Кинг го одржа својот познат говор „Имам сон!“ на 28 август 1963 година пред илјадници луѓе.
Споменикот има и ѕид каде посетителите можат да читаат извадоци од проповедите и говорите на Кинг. Изгравирани се неколку цитати, меѓу кои и овој: „Вистинскиот мир не е само отсуство на тензија, туку присуство на правда“.
Поранешниот американски претседател Роналд Реган во 1983 година официјално го прогласи Денот на Мартин Лутер Кинг Јуниор за национален празник, кој се одбележува на роденденот на борецот за граѓански права.
Мартин Лутер Кинг е роден на 15 јануари 1929 година во Атланта. Тој проповедаше ненасилно непокорување и граѓанска непослушност, и организираше голем број маршеви за еднаквост на заедниците на Афроамериканците.
Неговиот познат говор „Имам сон“ од 1963 година го следеа 250.000 луѓе во кој повика на расна еднаквост во Соединетите Американски Држави. Тој говор беше вклучен во антологијата на говори во САД, каде што се вклучени и говорите на американските претседатели Абрахам Линколн и Френклин Рузвелт.
Мартин Лутер Кинг ја доби Нобеловата награда за мир во 1964 година, како еден од најмладите добитници. Убиен е на 4 април 1968 година, додека стоел на балконот на соба во мотел во Мемфис, Тенеси.
Тој се смета за најважен поединец на движењето за човекови права и крај на сегрегацијата и другите дискриминации во САД.