Во Саудиска Арабија започна вонредниот Арапско-исламски самит за Газа / Photo: AA

Во главниот град на Саудиска Арабија, Ријад, започна вонреден Арапско-исламски самит на кој се разговара за „опасниот развој на случувањата во Појасот Газа и на палестинските територии“.

Според државните саудиски медиуми, лидерите и претставниците на Арапската лига и Организацијата за исламска соработка присуствуваат на самитот којшто е во тек за време на израелското бомбардирање на Појасот Газа кое влезе во 36-тиот ден.

Пред почетокот на Самитот, министрите за надворешни работи на арапските и исламските земји одржаа подготвителен состанок за самитот во Ријад, со цел „консензус во врска со крајната нацрт изјава на Самитот за обединетиот, колективен арапски и исламски став“, јави државната Египетска агенција за Блискиот Исток.

Рано утрово, саудиското Министерство за надворешни работи соопшти дека по консултациите, наместо два самити, денес ќе се одржи заеднички Арапско-исламски самит во врска со случувањата во Појасот Газа.

Беше истакнато дека Газа и палестинските територии се „соочуваат со опасни и невидени случувања кои бараат арапско и исламско единство за нивно сопирање и спречување на реперкусиите“.

TRT Balkan / агенции
Популарни