АФАД соопшти дека земјотресот со јачина од 6,4 степени според Рихтеровата скала се случил околу 20:04 часот по локално време во областа Дефне во Хатај.

15:00 Туркије: Над 7.000 последователни земјотреси по големите двојни земјотреси

Турската Управа за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД) доцна во вторникот објави дека се регистрирани вкупно 7.242 последователни потреси по разорните земјотреси што го потресоа југоисточниот дел на земјата на 6 февруари.

Според АФАД, 41 од последователните потреси биле со магнитуда од 5 до 6 степени, додека 450 такви потреси биле со јачина од 4 до 5 степени.

Најмалку 41.156 луѓе загинаа, а 105.505 се повредени во двата силни земјотреси што ја погодија јужна Турkije на 6 февруари, соопштија официјалните лица во понеделникот во најновите податоци од природната катастрофа.

Земјотресите со јачина од 7,7 и 7,6 степени, со центар во провинцијата Кахраманмараш, погодија повеќе од 13 милиони луѓе во 11 провинции, вклучувајќи ги Адана, Адијаман, Дијарбакир, Газиантеп, Хатај, Килис, Малатија, Османије, Шанлиурфа и Елазиг.

Неколку земји во регионот, вклучувајќи ги Сирија и Либан, исто така ги почувствуваа силните потреси што ја погодија Турција за помалку од 10 часа.

Повеќе од 250.000 лица за пребарување и спасување моментално работат на терен, изјави шефот на АФАД Јунус Сезер на брифингот со новинарите.

14:20 Илјадници погодени од земјотресите добија засолниште во Малатја

Илјадници луѓе кои останаа без домови во земјотресите во Туркије се привремено сместени во засолишта или шаторски кампови во Малатја, една од единаесетте погодени провинции.

Над 3.000 шатори се досега поставени и уште над 12.000 се поделени меѓу населението, информира гувернерот на Малатја преку Твитер каналот.

Околу 6.395 луѓе се сместени во различен вид капацитети меѓу кои спортски сали и приватно сместување.

Повеќе од 300.000 оброци се служат на дневна основа во градот.

Турската влада и бројни невладини организации организираа подигнување на привремени шаторски градови во погодените региони, како и привремени засолништа од монтажни куќи.

Владата даде ветување дека реконструкцијата на погодените региони ќе започне во март.

Над 13 милиони луѓе беа погодени во Кахранманмараш, провинцијата каде беше епицентарот на разорните земјотреси со јачина од 7.7 и 7.6 степени, како и уште десет други провинции.

Повеќе од 41.000 луѓе загинаа во последователните земјотреси на југоистокот на Туркије, а уште илјадници други се повредени.

12:20 Акар: Над 20.000 Сиријци доброволно се вратиле дома по земјотресите во Туркије

Турскиот министер за одбрана Хулуси Акар објави дека над 20.000 Сиријци во Туркије доброволно се вратиле во својата земја по земјотресите на 6 февруари.

Говорејќи пред новинарите во јужната провинција Хатај, Хулуси Акар ги отфрли тврдењата дека има прилив на сириски бегалци во Туркије преку нејзината јужна граница, нарекувајќи ги „апсолутно невистинити“.

„Сириските граѓани кои живеат во Туркије се враќаат во својата земја поради загубата на своите домови и роднини. Има сириски државјани кои се враќаат во својата татковина од Туркије во Сирија во еден правец. Во моментов оваа бројка надмина 20.000“, рече тој.

Во двојните земјотреси пред две недели загинаа повеќе од 41.000 во Туркије и уште 5.800 во Сирија, со што бројот на загинати од двете земји се приближува до 47.000.

Откако изби граѓанската војна во нивната земја во 2011 година, милиони Сиријци избегаа во Туркије во потрага по безбедност.

11:00 И во Сирија жртви и повредени од новите земјотреси

Најмалку две жртви се пријавени и во Сирија од двата земјотреси што вчера го погодија Хатај во Туркије, а во кои, според турските надлежни институции има најмалку шестмина загинати.

Едно девојче загина во градот Сафита под контрола на режимот, додека една жена загинала во централниот град Хама. Најмалку 190 други се повредени во Сирија

10:30 Во Истанбул на лекување 1.214 повредени во земјотресите

На лекување во болниците ширум Истанбул се наоѓаат 1.214 лица кои се повредени во земјотресите што на 6 февруари го погодија југот на Туркије.

Со авионите на турските Вооружени сили и Министерството за здравство во Истанбул се донесени околу 10.867 лица повредени во земјотресот, од кои 9.653 се отпуштени од болниците по лекувањето.

08:00 АФАД: Најмалку шест лица загинаа, а 294 други се повредени

Најмалку шест лица загинаа, а 294 други се повредени ранети откако синоќа силен земјотрес ја погоди јужната турска провинција Хатај, соопшти во вторникот турската агенција за управување со катастрофи, АФАД.

„За жал животот го загубија 6 наши граѓани. На нашите граѓани кои ги загубија животите им посакуваме Божја милост, а на повредените брзо закрепнување“, соопшти АФАД.

Најмалку 90 последователни потреси се регистрирани досега по последниот земјотрес, додаваат од АФАД.

АФАД соопшти дека земјотресот со јачина од 6,4 степени според Рихтеровата скала се случил околу 20:04 часот по локално време во областа Дефне во Хатај.

После тоа, три минути подоцна следеше последователен потрес со јачина од 5,8 степени, со епицентар во областа Самандаг во Хатај.

Новите потреси го погодија југоисточниот дел на Туркије, две недели по двојните земјотреси со јачина од 7,7 и 7,6 степени според Рихтер, кои оставија најмалку 41.156 мртви во истиот регион.

Бројот на жртви во Сирија достигна 5.814, со што заедничкиот број на загинати во двете земји е близу 47.000.

07:00 ОН подготвени да обезбедат дополнителна поддршка по двата нови земјотреси

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изјави дека светската организација е подготвена да обезбеди „дополнителна поддршка“ откако уште два земјотреси ја погодија југоисточната турска провинција Хатај.

„Моите мисли продолжуваат да бидат со народот на Туркије и Сирија додека тие се соочуваат со влијанието на новите земјотреси што го погодија регионот оваа вечер“, напиша Гутереш на Твитер.

„Тимовите на ОН на терен ја проценуваат ситуацијата и ние сме подготвени да обезбедиме дополнителна поддршка доколку е потребно“, додаде тој.

23.30 Повредените во земјотресите во Хатај се транспортираат во Адана

Амбулантните тимови ги евакуираат повредените од Хатај во Адана по двата земјотреси кои вечерва ја погодија оваа јужна турска провинција. Надлежните власти поради мерки на претпазливост наредија евакуација на пациентите од две болници во Хатај и пациентите се транспортираат во болниците во Адана.

Пациентите, воглавно жртви на вечерашните и претходните земјотреси, ги превезуваат амбулантни возила и хеликоптери.

21:30 Најмалку три лица загинаа, а 213 други се повредени

Најмалку три лица загинаа, а 213 други се повредени откако друг земјотрес ја погоди јужната турска провинција Хатај, изјави министерот за внатрешни работи на земјата. „Тројца наши граѓани ги загубија животите; еден во областа Антакија, еден во областа Дефне и еден во областа Самандаг“, рече министерот Сојлу во изјава за медиумите.

„Во тек се напори за пребарување и спасување на три локации“, додаде тој. Сојлу им оддаде почит на загинатите и упати пораки на сочувство на граѓаните погодени од новите земјотреси кои се случија само две недели по разорните земјотреси со епицентар во Кахриманмараш.

21:00 АФАД: Регистирани најмалку 32 последователни потреси

Според турската агенција за управување со катастрофи (АФАД), досега се регистрирани најмалку 32 последователни потреси.

АФАД соопшти дека земјотресот со јачина од 6,4 степени според Рихтеровата скала се случил околу 20:04 часот по локално време во областа Дефне во Хатај.

Само три минути подоцна, се случи нов земјотрес со јачина со јачина од 5,8 степени. Епицентар на тој земјотрес беше во округот Самандаг, исто така во провинцијата Хатај.

20:15 Потпретседателот Октај: Службите се на терен

Потпретседателот на Република Туркије Фуат Октај по новите земјотреси во јужната провинција Хатај ги повика граѓаните да се оддалечат од оштетените згради.

Октај на социјалните мрежи наведе дека надлежните служби се на терен и ги повика граѓаните да не се доближуваат до оштетените згради.

Исто така, тој ги повика граѓаните да се придржуваат до упатствата од надлжените служби на терен.

TRT Balkan / агенции
Популарни