„Го повикуваме Советот за безбедност на ОН да го принуди Израел да ги запре нападите врз Газа и да воведе санкции за окупацијата“ / Фото: AFP

Денес во египетскиот главен град Каиро започна вонредниот состанок на Арапската лига на кој се разговара за тековната офанзива на Израел во Појасот Газа.

Во обраќањето на состанокот, палестинскиот делегат Махенд ал-Аклук говореше за опасноста од започнувањето на израелскиот копнен напад врз градот Рафа, во Јужна Газа, каде што од израелските напади засолнети се повеќе од 1,4 милиони луѓе.

„Израелскиот напад ќе има сериозни последици врз повеќе од еден милион раселени луѓе во градот“, рече тој.

И покрај меѓународното противење, Израел ги објави плановите за напад на Рафа, една од последните заедници поштедени од копнена инвазија во енклавата.

Ал Аклук рече дека Израел одбил да ја спроведе резолуцијата на Советот за безбедност на ОН за прекин на огнот во Газа за време на муслиманскиот месец Рамазан.

„Го повикуваме Советот за безбедност на ОН да го принуди Израел да ги запре нападите врз Газа и да воведе санкции за окупацијата“, додаде тој. Советот за безбедност на ОН донесе резолуција на 25 март со која се бара прекин на огнот во Газа за време на Рамазан. Хамас ја поздрави резолуцијата, а Израел вети дека ќе ја продолжи војната во Газа додека не ја уништи палестинската група на отпорот.

Денешниот состанок е побаран од Палестина за да се разговара за арапските и меѓународните активности за запирање на израелскиот „геноцид и политиката на изгладнување и раселување“ на Палестинците.

Израел започна смртоносна воена офанзива во Појасот Газа од 7 октомври 2023 година, по прекуграничниот напад на Хамас во кој загинаа околу 1.200 луѓе.

Во израелските напади врз Газа досега загинаа најмалку 32.975 Палестинци, а речиси 75.577 се повредени. Израел воведе целосна блокада на Појасот Газа, оставајќи го неговото население, особено жителите на Северна Газа, на раб на глад.

Според Обединетите нации, израелската војна принуди 85 отсто од населението на Газа внатрешно да се раселат, предизвика акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), кој минатата недела побара од Израел да стори повеќе за да го спречи гладот во Газа.

AA
Популарни