Абортусот повеќе нема да биде уставно гарантирано право во САД, откако Врховниот суд ја поништи пресудата од случајот „ Ро против Вејд“ донесена во 1973 година. Со таа пресуда се сметаше дека абортусот е уставно заштитена категорија и дека правото се применува на федерално ниво на целата територија на САД.
Врховниот суд во кој мнозинството го имаат судии назначени од конзервативни и десничарски претседатели, одлучи дека секоја сојузна држава на САД може поединечно да го регулира правото на жените на абортус.
Се смета дека во сојузните држави управувани од конзервативци, абортусот може да биде значително ограничен, па дури и целосно забранет.
Одлуката која пред само неколку години беше незамислива, претставува кулминација на децениските напори на противниците на абортусот, спроведена од охрабрените судии на десницата, зајакната со тројца судии кои беа назначени од поранешниот претседател Доналд Трамп.
Пресудата дојде повеќе од еден месец откако беше објавено нацрт-мислењето на судијата Самиел Алито од кое се наѕираше дека судот е подготвен да го преземе овој значаен чекор, што ја шокираше голем дел од американската јавност.
Тоа го става судот во судир со ставот на мнозинството Американци кои се залагаат за зачувување на пресудата за случајот „Ро“, укажуваат анкетите.
„Овластувањето за регулирање на абортусот е на управните власти, а не на судовите“, напиша Алито во мислењето.
Прашање кое предизвикува поделби
Мислењето на Алито го споделија судиите Кларенс Томас, Нил Горсух, Брет Кавана и Ејми Кони Барет. Последните тројца судии беа номинирани од Трамп. Томас прв пат гласаше за укинување на пресудата „Ро“ пред 30 години.
Главниот судија Џон Роберст не сакаше да го прекине правото на абортус, имајќи во предвид дека ќе го почитува законот на Мисисипи, што е во суштинска основа на случајот, односно забрана за абортус по 15-та недела, и немаше што друго да додаде.
Судиите Стивен Брејер, Соња Сотомајор и Елена Каган - либерално крило на судот кое е намалено – не дадоа согласност.
Тринаесет сојузни држави, претежно од југот и средниот запад на САД, веќе имаат нацрт-закони со кои се забранува абортусот во случај пресудата „Ро“ да биде поништена.
Уште најмалку шест сојузни држави имаат речиси целосни забрани или забрани за абортус по шестата недела од бременоста, период во кој многу жени не ни знаат дека се бремени.
„Во остатокот од земјата, борбата ќе се води околу забраните за абортус кои беа во мирување, а кои беа носени пред „Ро“ пресудата во 1973 година или околу новите предлог закони со кои значително ќе се ограничи кога може да се спроведе абортусот“, анализира Гутмахер институтот кој се бави со поддршка на правото на абортус.
Повеќе од 90% од абортусите се вршат во првите 13 недели од бременоста, а повеќе од половина се вршат со пилули, без хируршка интервенција, стои во податоците со кои располага институтот.