Врз Палестинците во Газа тестирано ново оружје, проектили, тенкови и опрема / Photo: AA

Израел, кому му се суди под обвинение за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), првпат тестираше многу ново оружје и муниција врз Палестинците во масакрите во Појасот Газа од 7 октомври 2023 година, пренесува Aнадолу.

Во досиејата на веста под наслов „Оружје тестирано од Израел во масакрот во Газа“, репортерот на новинската агенција Анадолу (АА) собра информации за оружје и муниција што првпат ги користеле израелските копнени сили во Газа.

Израел, чија воена инфраструктура е познато дека главно е од САД, во нападите врз Газа често користи оружје и муниција произведени од сопствени ресурси во областа на одбранбената индустрија.

По 7 октомври израелската армија формираше нова резервна бригада наречена „Бригада Хасомер (Гардијан) 855 со цел да ги брани израелските заедници“.

Иако Израел тврди дека оваа бригада, составена од резервни војници, ќе се фокусира на заштита на илегалните населби на границата со Газа наместо на напади, сепак, се користи и за офанзивни цели при нападите врз Газа.

Покрај пешадиската бригада, Кфир првпат по 2005 година бил ангажиран и во Газа. Во Газа на прв ангажман е и единицата ЛОТАР, позната како Антитерористичка школа, исто како и единицата Каракал, која ја сочинуваат војници и војнички во број приближен на баталјонски одред.

Израел во Газа создаде и нова тенковска единица наречена „Феникс“ и ја додаде во рамките на израелските оклопни единици. Тенковите беа вратени во борбена моќ по репарирањето.

Ново вооружување на пешадијата и оклопните единици

Сите единици на израелските копнени сили што учествуваа во масакрите во Газа првпат почнаа да тестираат многу ново оружје и муниција развиени од израелската одбранбена индустрија.

Израел првпат во нападот на Газа по 7 октомври 2023 година употреби митралез „Негев“ со калибар 7,62 милиметри, кој може да навлезе во ѕидовите на зградите.

„Негев“ е тежок околу 7,5 килограми и може да се користи со муниција што може да помине низ ѕидови и урнатини. Покрај брзото пукање, пушката има и попрецизен режим на едно истрелување. Покрај тоа, челичните елеци и палките на митралезните единици беа подобрени за да можат да носат повеќе куршуми. Оваа пушка е дизајнирана да се користи без проблеми во песочните и правливите услови на Газа.

Израелските војници во претходните напади, главно, користеа ракети од Лао и Матадор, а од 7 октомври се користеа две нови ракети наречени Холит и Јатед.

Нема информации за карактеристиките на ракетите Холит и Јатед, но тие се 40 отсто попрецизни од Лао и Матадор (90 мм проектили од рамо што можат да се користат против оклопни возила и цели во зградите) и поефикасни во борба во станбените области. Холит и Јатед се 50 отсто поголеми проектили од нивните претходни верзии, кои се тешки 10 килограми, а зголемен им е дострелот и експлозивното дејствување.

Израелската армија на 22 октомври објави снимки од единицата командоси Маглан која во Газа користи нова, прецизно наведувана минофрлачка граната од 120 милиметри наречена „Ирон Стинг“ (челичен убод).

„Ирон Стинг“ тежи 17 килограми и работи со ласерско и ЏПС наведување. Оваа минофрлачка граната, која има дострел од 10 километри, има моќ да пробие 20 сантиметри бетон и ја минимизира цивилната штета бидејќи е наведувачка.

Освен тоа, израелската армија првпат користи очила „ИДО“ за ноќни операции. ИДО обезбедува 3Д-слики на патроли или војници во борбени баталјони во Газа при слаба осветленост или целосна темнина. Уредот може да се користи и со носење само на едно око.

Израелските пешадиски дивизии користат „Дагер“ (Убод) систем за таргетирање од трета генерација. Развиен е од израелската компанија Смарт Шутер, а работи врз база на електрооптичкиот систем „СМЕШ“, базиран врз алгоритмот на процесорскиот систем за контрола на огнот. Системот ја следи целта и му го кажува на стрелецот најсоодветен момент кога да пука. Системот, кој може да се закачи на цевката од секаков тип пушка, автоматски детектира и заклучува цели, како што се беспилотните летала на небото и ги пресметува насоката и брзината на летот. Се вели дека е 350 отсто поуспешен од претходните технологии.

Израел објави дека го модифицирал американскиот повеќекратен ракетен фрлач Локхид Мартин M270 (MLRS), кој може да прими 12 ракети и го направил способен за користење наведувани проектили АкуЛАР-122. Високопрецизните ракети АкуЛАР-122 од Елбит Системс беа употребени првпат во Газа од 2006 година. Ракетите, познати и како „Ромах“, носат боева глава од 20 килограми и имаат дострел од 40 километри.

– Во Газа првпат тестирани и нови тенкови и оклопни транспортери

Израел првпат во Газа ја тестираше тенковската артилерија од петтата генерација Меркава од типот „Барак“, која ја доби во септември 2023 година.

Најважен елемент интегриран во тенкот е употребата на вештачка интелигенција (AI). Карактеристики слични на пилотските шлемови на Елбит Системс, кои им овозможуваат на пилотите на Ф-35 да ги анализираат информациите во реално време, достапни се и за командантот на тенкот „Барак“.

Со системот под назив „Ирон Визион“, командантот на тенкот може да ја види околината 360 степени како оклопот да е проѕирен и може да ги користи сите системи на тенкот со притискање на копчето пред неговите очи.

Уште една карактеристика е употребата на системот за активна одбрана „Тропи“ во „Барак“, кој обезбедува заштита од 360 степени од противтенковски ракети. „Барак“ има слична огнена моќ како и претходните тенкови Меркава. Има мазна цевка со калибар од 120 мм со дострел од 4 километри, два митралеза од 7,62 мм и минофрлач од 60 мм. Освен тоа, информациите од бојното поле добиени од сензорите на возилото автоматски се споделуваат со други возила и разузнавачки единици во центарот.

Освен тоа, Израел објави дека првпат во Газа го користел оклопниот транспортер „Намер 1500“ (Леопард). Моторот на возилото има 1.500 коњски сили и се користи со екрани на допир. Се наведува дека оклопот на новиот „Намер“, развиен на шасијата на тенковите Меркава, е понапреден од тенковите Меркава од четвртата генерација. Има и борбена станица на далечинско управување со тежок митралез од 12,7 мм. Ова возило го има и системот за активна одбрана „Tропи“. Израел склучи договор со компанијата Ошкош Дефенс за производство на стотици „Намер 1500“ во вредност од над 100 милиони фунти, кои ќе бидат финансирани со американска помош.

Израел, исто така, првпат во Газа го искористи оклопниот транспортер „Ејтан“ од 30 до 35 тони со гумени тркала, кој го доби во мај 2023 година. Возилото „Ејтан“ 8X8 е произведено од израелското Министерство за одбрана како замена за M113. Возилото се користи за транспорт на персонал и оружје со тричлен екипаж. „Ејтан“ има топ со калибар од 30 мм што може автоматски да се користи однатре, противвоздушен митралез од 12,7 мм и од 7,62 мм. Возилото има систем за активна заштита „Ирон Фист“ развиен од Елбит Системс. Системот вклучува радар за фаќање цели и систем за лансирање и пресретнување противтенковски ракети.

AA
Популарни