Во вториот круг од претседателските избори во Туркије, што на редовните избирачки места во земјата ќе се одржат на 28 мај, надвор од земјата гласале 1.403.757 регистрирани гласачи.
Гласањето на избирачките места надвор од земјата и на граничните премини започна на 20 мај, а некои од избирачките места сѐ уште се отворени.
Според податоците на Врховната изборна комисија на Туркије, сите избирачки места во дипломатските претставништва ќе бидат затворени на 24 мај, додека граѓаните на граничните премини ќе можат да гласаат до затворање на редовните гласачки места, недела, 28 мај, до 17 часот.
Вториот круг од претседателските избори во Туркије, во кој ќе учествуваат актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган и кандидатот на опозицијата Кемал Киличдароглу, ќе се одржи во недела на 28 мај.
Според распределбата на важечките гласови, кандидатот на Народна алијанса и актуелен претседател Реџеп Таип Ердоган во првиот круг освои 27.133.849 гласа (49,52 отсто). Кандидатот на Национална алијанса, Кемал Киличдароглу, освои 24.595.178 гласа (44,88 отсто).
Кандидатот на Алијансата на предците, Синан Оган, освои 2.831.239 гласа (5,17 отсто). Четвртиот кандидат Мухарем Инџе, кој непосредно пред изборите изјави дека се повлекува од трката, освои 235.783 гласа (0,43 отсто).
Синан Оган соопшти дека во вториот круг ќе го поддржи Ердоган.