За време на протестите во Франција приведени 201 лице / Photo: AA

Во текот на протестите во Франција, што продолжија и синоќа по одлуката на Владата без гласање да го усвои законот со кој старосната граница за пензионирање се подига за две години, приведени се 201 лица.

Министерот за внатрешни работи на Франција, Жералд Дарманин, им се заблагодари на 13.000 полицајци и припадници на жандармеријата кои биле на должност за време на протестите.

Тој наведе дека 175 припадници на безбедносните сили се повредени во текот на протестите. Дарманин информираше и дека во текот на протестите се приведени 201 демонстрант.

Франција се соочува со постојани демонстрации почнувајќи од 16 март, кога претседателот Емануел Макрон и премиерката Елизабет Борн одлучија да го искористат уставното право за усвојување на Законот за пензиски реформи без гласање за согласност во Парламентот.

Со реформите се предвидува зголемување на старосната граница за заминување во пензија од 62 на 64 години, како и најмалку 43 години работа за да се оствари правото на целосна пензија. Планот предизвика гнев во јавноста откако беше објавен минатата година, со масовни протести и штрајкови низ целата земја од јануари.

Владата на Франција соопшти дека нема да го повлече контроверзниот закон за реформи во пензискиот систем и покрај штрајковите, масовните протести и насилството во многу градови низ земјата.

TRT Balkan / агенции
Популарни