Најмалку едно дете загина откако израелски воени авиони денеска погодија една од зградите на болничкиот комплекс Ал-Шифа во градот Газа, соопштија локалните власти.
„Израелската окупација ја погоди зградата Ал Кудс во болничкиот комплекс Ал-Шифа во која се наоѓаат стотици пациенти, медицински персонал и раселени лица“, се вели во соопштението на владината канцеларија за медиуми со седиште во Газа.
Во меѓувреме, Министерството за здравство во Газа соопшти дека во израелскиот воздушен напад врз зградата Ал Кудс во болницата Ал-Шифа загинало едно дете, а пет други, меѓу кои и една жена, се повредени.
Израел започна воздушни и копнени напади врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври.
Најмалку 10.022 Палестинци, меѓу кои 4.104 деца и 2.641 жени, се убиени во израелските бомбардирања во Појасот Газа. Според официјалните податоци, бројот на загинати во Израел е скоро 1.600.
Покрај големиот број жртви и масовните раселувања, основните резерви се при крај за 2,3 милиони жители на Газа поради израелската опсада.