Експлозијата била резултат на мини поставени од израелски војници, но причината за нивната детонација допрва треба да се утрди / Photo: AA

Израелската армија денес соопшти дека најмалку 21 војник загинал, а неколку се ранети во заседа во централниот дел на Појасот Газа.

Портпаролот на израелската армија, Даниел Хагари, изјави дека инцидентот се случил во близина на пограничната заедница Кисуфим кога Хамас нападнал војници што се обидувале да ја уништат воената инфраструктура на палестинската група на отпор.

Тој рече дека борците на Хамас истрелале ракетна граната врз израелски тенк, а во исто време експлозија предизвикала уривање на две двокатни згради. „Поради оваа експлозија се урнаа зградите, а повеќето сили беа внатре и во нивна близина“, додаде Хагари.

Тој рече дека е започната истрага за инцидентот бидејќи експлозијата била резултат на мини поставени од израелски војници, иако причината за нивната детонација допрва треба да се потврди.

Армијата ги објави имињата на десет војници, а известени се семејствата на другите 11. Бројот на загинати израелски војници од почетокот на израелските напади врз Појасот Газа на 7 октомври се зголеми на 565.

Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, болници, јавни и верски објекти по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври.

Од почетокот на израелските напади на Појасот Газа на 7 октомври досега се убиени најмалку 25.295 Палестинци, главно жени и деца, а ранети се повеќе од 63.000 лица, објавија здравствените власти на палестинската енклава.

Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200.

AA
Популарни