Обединетите Нации денеска изразија длабока загриженост поради зголемените тензии меѓу Иран и Израел.
„Тоа е нешто што генералниот секретар Антонио Гутереш внимателно го следи. Ние сме многу загрижени за потенцијална ескалација во ситуација која се чини дека ескалира на дневна основа“, рече портпаролот Стефан Дужарик на прес-конференција.
Истакнувајќи дека ОН немаат никакви информации за какви било потенцијални воени активности на која било од страните во регионот, во име на ОН, Дужарик повика да се избегне каква било ескалација.
Од друга страна Белата куќа денеска ги оквалификува како веродостојни заканите на Иран дека ќе изврши одмазднички напад врз Израел поради бомбардирањето на неговиот конзулат во Дамаск, Сирија.
„Сè уште сметаме дека потенцијалната закана од Иран овде е реална, остварлива, секако веродостојна и ја следиме колку што можеме внимателно“, им рече на новинарите портпаролот на Советот за национална безбедност Џон Кирби за време на виртуелниот брифинг.
Германскиот канцелар Олаф Шолц пак изрази загриженост поради потенцијалната ескалација на Блискиот Исток и го повика Иран да не презема воена акција против Израел.
„Многу сериозно ги сфаќаме опасностите што се појавуваат таму во однос на можните дејства од страна на Иран“, рече Шолц на прес-конференција во Берлин.
Израел е во состојба на висока готовност поради јавното ветување на Иран дека ќе нападне израелски цели како одмазда за воздушниот напад на 1 април врз неговиот дипломатски објект во сириската престолнина.
Министерот за надворешни работи на Израел во средата се закани дека војската на неговата земја директно ќе го нападне Иран доколку Техеран започне напад од негова територија против Израел.
Неговите изјави дојдоа по засилените тензии меѓу ривалските сили по убиствата на иранските генерали во бомбашкиот напад во иранскиот конзулат во Сирија на почетокот од овој месец.
Техеран го смета Израел за одговорен за нападот што ја сруши зградата, при што загинаа 12 лица. Израел не ја призна својата вмешаност, иако чекаше ирански одговор на нападот, значајна ескалација во нивната долготрајна војна во сенка.
Во нападот загина ген. Мохамед Реза Захеди, висок претставник на иранската Исламска револуционерна гарда, кој ги предводеше елитните сили на групата Кудс во Либан и Сирија до 2016 година. Меѓу 11-те други кои загинаа беа шест членови на Револуционерната гарда, четворица Сиријци и еден член на милицијата Хезболах.
Ескалацијата доаѓа додека Израел продолжува да спроведува смртоносна воена офанзива на Појасот Газа по прекуграничниот напад на почетокот на октомври од страна на Хамас, во кој загинаа околу 1.200 луѓе.
Повеќе од 33.600 Палестинци оттогаш се убиени во Газа, а над 76.000 се повредени во услови на масовно уништување и раселување.