Како рудар за јаглен, Ерхан Акуш (47) е навикнат рутински да се спушта низ рудниците со неговиот заштитен шлем, батериска ламба и копач и да излезе неколку часа подоцна покриен со црна саѓа. Ретко кој некогаш го ценел овој вид ниско платена работа, но по 6 февруари, Ерхан Акуш во јавноста е поздравуван како херој и еден од првите кои биле повикани за пронаоѓање на преживеаните под урнатините.
Тој пристигна на местото на уништената зграда во Антакија, централниот округ на јужната турска провинција Хатај, само за да ги слушне вознемирените роднини на затрупаните под урнатините како викаат „Рударите се тука“. Овие луѓе одеднаш се најдоа во ситуација да спасуваат животи и да се борат за сопствениот опстанок.
Во двата силни земјотреси едноподруго загинаа повеќе од 40.000 луѓе низ јужна Турција и северозападна Сирија. Потресите со јачина од 7,7 и 7,6 степени уништија многу згради целосно и сериозно оштетија илјадници други згради, вклучително и станбени комплекси во кои луѓето спиеја кога првиот земјотрес се случи во 4:17 часот.
Акуш беше меѓу 200-те рудари кои работеа за државните Турски претпријатија за јаглен кои пристигнаа во Хатај на 7 февруари пред многу други хуманитарни агенции.
Тој, заедно со уште 74 рудари, добија задача да бараат преживеани во тешко оштетените повеќекатни згради познати како Ренесанс Резиденс.
“Успеавме да дојдеме до луѓето со свои раце. Немавме дури ниту посебна опрема“,изјави Ерхан Акуш за ТРТ Ворлд.
Трка со времето
Работата во која се впуштија Акуш и неговите пријатели ќе се покаже како тешка спасувачка мисија од самиот почеток. Откако долните катови на една зграда се спуштија, таа се навали за 45 степени и беше потпрена на друга. Од внатре се слушаа врисоци и плач на заробени луѓе. Беше донесен багер за потпирање на навалената зграда. Луѓето мораа брзо да се движат.
Копањето низ конструкцијата на зградата е релативно полесно бидејќи спасувачите можат да дупчат низ таваните, кои стојат на армиран бетон и челични арматури. Но, копањето во косината зграда значеше дека Акуш и неговите пријатели можеа да влезат само од страничниот ѕид кој можеше да се урне во секој момент.
Рударите успеале да стигнат до окното на лифтот, кое било како тунел - нешто со што се навикнати да работат.
„Отворивме ѕид од стан и влеговме во него. Оттаму спасивме 8-годишно девојче и нејзината мајка. Таткото веќе почина, но успеавме да го извадиме и неговото тело. Требаше да работиме брзо затоа што навалената зграда беше на пат да се урне “, изјави Акуш.
За секој кој не бил во слична ситуација, тешко е да се замислат предизвиците со кои се соочиле рударите додека навлегувале.
Ренесанс Резиденс бил скап станбен комплекс од 200 станови во кој живееле околу 1.000 луѓе, вклучувајќи ги богатите во градот.
Мехмет Јасар Чоскун, изведувачот на проектот, кој некогаш ги продаваше становите како „место од рајот“, беше уапсен на аеродромот во Истанбул додека се обидуваше да побегне од земјата.
Рударите останаа на локацијата седум дена, спиеја четири часа и јадеа во импровизиран камп. Освен тоа, морале да најдат храна, ќебиња, столици и се што би можело да им помогне да се загреат. Низ градот немаше струја, гас или редовно снабдување со вода во првите денови од акцијата за спасување.
Акуш и неговите пријатели исто така изградија импровизиран тоалет користејќи ќебиња како покривки и железни шипки за поддршка.
Дури и кога беше темно, Акуш и неговите пријатели продолжија да работат под урнатините благодарение на светлата со два панели поставени од унгарскиот спасувачки тим. Успеале да се движат 12 метри по зградата пред да мора да застанат поради последователни потреси.
До завршувањето на спасувачката операција на неговиот тим по седум дена, Акуш вели дека прстите на нозете му биле отечени. Тој и неговите колеги успеаја да спасат повеќе од 40 живи луѓе од Ренесанс Резиденс и да извадат десетици тела.
„Сè уште ми е жал што не можевме да се движиме повеќе во зградата“, вели Акуш.