Израелската Армија денес го засили артилериското бомбардирање на различни области во Појасот Газа.
Очевидци за Анадолу потврдија дека израелските сили петти ден по ред продолжуваат со нападите врз југозападното предградие на градот Газа, особено во населбите Тел ал-Хава и Сабра.
„Израелските сили отворија оган врз станбени објекти, вршеа претреси и инспекции со детонации и запалија неколку станбени објекти“, изјавија очевидци.
„Јужните населби на градот Газа, вклучувајќи ги Сабра, Зејтун, Тел ал-Хава и Шеик Ајлин, се под тешко артилериско гранатирање“, додаваат тие.
„Тие продолжуваат да палат куќи, киднапираат цивили и вршат убиства. Тројца загинати беа пронајдени во населбата Сабра откако пред неколку дена беа цел на израелската артилерија“, додаде Басал.
Во центарот на Газа погоден е кампот Ал-Бурејџ, што резултираше со уништување на станбен блок.
Цел на интензивно артилериско бомбардирање беа и северозападните области на бегалскиот камп Нусејрат, градот Ал Мусадар и североисточниот град Деир ал Балах во централната провинција.
Во јужниот дел на Газа, израелските воени возила извршија ограничени упади во населбите источно од Кан Јунис. Очевидци пријавија силен артилериски оган и интензивен оган.
Израелските беспилотни летала немилосрдно фрлаа бомби источно од Кан Јунис. Во исто време, израелската артилерија ги гаѓаше населбите Шеик Насер, Бани Сухеила и Кузаа.
Во израелските напади се срушени станбени згради во градот Ал-Карара, североисточно од Кан Јунис, за време на судирите меѓу палестинските борци на отпорот и израелските сили кои дејствуваат во областа.
Прекршувајќи ја резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот, Израел спроведува брутални напади со неселективно бомбардирање на цивилните населби, училишта, верски објекти и болници во Појасот Газа почнувајќи од 7 октомври минатата година.
Оттогаш, според локалните здравствени власти, повеќе од 39.300 Палестинци, главно жени и деца, се убиени, а над 90.800 се ранети.
По повеќе од девет месеци израелски напади, големи делови од Газа се во урнатини.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата.